Регион
Чамец со пет лица заринка на Бледското Езеро поради невремето во Словенија
Чамец со пет лица заринка на Бледското Езеро поради невремето – соопшти денеска Управата за заштита и спасување на Словенија.
Бледските пожарникари и нуркачи успеаја да го извлечат чамецот, а сите патници сe неповредени, пренесе порталот на Радио-телевизија Словенија (РТВ СЛО).
Спасувачите од Планинската спасувачка служба – Бохињ помогнаа и на група планинари што поради невремето останаа заробени на Коњска Планина. На телефон ги упатиле кон домот „Водников“ на Вело Поле, каде што планинарите потоа преноќиле.
Најмногу дожд наврна во Горенска, главно меѓу 15 и 40 милиметри, а локално и повеќе, изјави дежурниот метеоролог Урбан Жагар за „ТВ Словенија“.
Врнежите и невремето беа од локален карактер, а на одделни места беа проследени со силен северен и северозападен ветер.
На аеродромот „Брник“ беа измерени налети на ветерот до 76 километри на час, а во Љубљана до 72 километри на час.
Ветерот на повеќе места соборуваше дрвја, а во Радовлица и Крањ урна и електрични столбови.
Пожарникарите отстрануваа дрвја и други пречки од патиштата во повеќе делови на земјата, а во Водице ветерот ја оштети вратата на еден дневен престој.
Во текот на вечерта невремето се помести кон источниот дел на Словенија, каде што беше послабо.
Посилно невреме се разви над Кршко Поле, но не предизвика поголеми проблеми.
Според прогнозата, утре повторно ќе биде сончево, со температури 30 Целзиусови степени и неколку степени над 30 степени на одделни места.
Од четврток се очекува променливо време.
август 19, 2026
