Connect with us

Свет

Филипини: Деветтоодделенец со пушка и пиштол нападна соученици, па си го одзеде животот

Двајца ученици загинаа, меѓу кои и напаѓачот кој си го одзеде животот, а уште две лица се ранети во вооружен инцидент што денеска се случи во средно училиште на југот на Филипините, соопштија локалните власти.

Пукањето се случило во објектот на училиштето кое работи во склоп на приватниот универзитет „Атенео де Замбоанга“ (Ateneo de Zamboanga) во градот Замбоанга. Според првичниот полициски извештај, напаѓачот — ученик во деветто одделение — влегол во кампусот вооружен со пушка и пиштол, по што отворил оган врз средношколците во една од училниците. Напаѓачот го убил една година постариот соученик, а потоа се самоубил.

Филипинскиот медиум „ГМА њуз“ објави снимки од хаотичните сцени во училницата каде што децата се криеле додека одекнувале истрелите, додека телевизискиот канал „АНЦ“ (ANC) прикажа снимки од преплашените ученици и родители кои се собирале пред училишниот комплекс. Покрај полициските сили, на терен се распоредени и воени единици, а истрагата на местото на злосторството е во тек.

Ова е втор ваков трагичен инцидент во оваа островска земја за помалку од два месеца. Претходно во јуни, најмалку тројца ученици беа убиени, а околу 20 беа повредени во пукање во јавно средно училиште во централниот дел на Филипините, кога двајца соученици отворија оган во кампусот.