Connect with us

Свет

Европски организации за спасување пријавија најмалку 21 смртен случај на мигрант во Средоземното Море

Европските организации за спасување денеска пријавија најмалку 21 смртен случај на мигранти во изминатите денови во централниот Медитеран, јави ДПА.

Италијанската организација „Имрџенси“ пронајде седум тела на преоптоварен брод и спаси 57 лица. Според организацијата, двајца од спасените биле во критична состојба.

Мигрантите испловиле од либискиот крајбрежен град Зуара со дрвен брод. Според организацијата, спасувачката операција била спроведена во меѓународни води, но во либиската зона за пребарување и спасување, за која е одговорна Либија. Либиските власти се уште не дале коментар за темата.

Одделно, германската организација „Си Воч“ соопшти дека нејзините извидувачки авиони, заедно со германската организација „Спасувачки брод“, пронашле три тела во Средоземното Море во текот на викендот.

Европската организација за спасување „СОС Медитеран“ соопшти дека пронашла 11 тела во водата покрај либискиот брег во петокот.

Централниот Медитеран останува најсмртоносниот миграциски воден пат кон Европа, забележува ДПА. Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), најмалку 872 лица загинале или се пријавени како исчезнати во тамошните води од почетокот на годината.