Connect with us

Регион

Соренсен: Напредокот, а не календарот, е мерило за дијалогот меѓу Белград и Приштина

Нема конкретен датум за следната средба на главните преговарачи, ниту пак краен рок за завршување на процесот за нормализација меѓу Косово и Србија – изјави специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, нагласувајќи дека за него мерило е напредокот, а не календарот.

Во писмено интервју за агенцијата „Косовапрес“, Соренсен истакна дека и покрај тоа што Аљбин Курти и Александар Вучиќ не ја потпишаа Охридската спогодба од 2023 година, тој е правно обврзувачки според меѓународното право.

– Согласноста за обврзување не бара потпис; таа може да биде изразена и на друг начин, како што се случи во овој случај. Двете страни се согласија со текстот во Охрид и не се спротивставија кога ЕУ го утврди начинот на кој ќе биде запишана нивната согласност. Недостига не потписот, туку спроведувањето и токму таму треба да се насочат напорите – посочи данскиот дипломат, додавајќи дека применува иста логика и за средбите на високо ниво, кои се свикуваат само кога можат да доведат до конкретен резултат, а не како можност за фотографирање.

Посредникот на ЕУ се осврна и на прашањето за исчезнатите лица, посочувајќи дека тоа е хуманитарна обврска и приоритет откако ја презел функцијата, а не разменска монета во дијалогот.

„Пронаоѓањето човечки останки во Зубин Поток пред сè ги засега семејствата, кои конечно може да добијат одговор по децении неизвесност. Внимателно ги следиме ископувањата и апсењата поврзани со нив. Јасно им кажав на сите дека темпото мора да се забрза и дека релевантните информации мора да се споделуваат без одлагање. Го отворам ова прашање во Приштина и Белград при секоја можност“, рече тој.

Соренсен ги потсети страните на обврските преземени со Декларацијата за исчезнатите лица, според која двете страни се обврзани да соработуваат во утврдувањето на гробниците и да ги споделат сите потребни информации, вклучително и класифицираните материјали за лицата исчезнати во периодот од 1998 до 2000 година. Заедничката комисија за ова прашање беше формирана во јануари 2026 година, а првиот состанок го одржа во април во Брисел.

Интервјуто следи откако главниот преговарач на Косово, Агрон Бајрами, му испрати писмо на Соренсен во кое изрази сериозна загриженост за последните случувања и побара ЕУ да обезбеди Србија целосно да ги исполнува своите обврски. Повод за тоа беа информациите дека косовските власти пронашле човечки останки во Калудер, во општина Зубин Поток, за што Соренсен оцени дека негово јавно изјаснување или посета посветена конкретно на случајот не би придонеле за поефикасно спроведување на Декларацијата.

Во однос на условот на косовскиот премиер Курти за екстрадиција на Милан Радоичиќ за негово учество на нова средба на високо ниво, Соренсен нагласи дека преземањето одговорност за настаните во Бањска од 2023 година е од клучно значење.

„Повикот на ЕУ е јасен и доследен и го повторуваме при секој контакт со српските власти: очекуваме Белград да ги уапси и изведе пред лицето на правдата сторителите на нападите од 2023 година“, нагласи европскиот претставник, додавајќи дека отсуството на премиерот на средбите сепак не би го придвижило процесот на утврдување одговорност.