Connect with us

Скопје

Ѓорѓиевски: Водата во Скопје е безбедна за пиење и нема никакви бактерии

Водата во Скопје е безбедна за пиење и нема никаква ешерихија коли или други бактерии, нагласи на денешната вонредна прес-конференција скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

-Не постои ништо такво и јас одговорно тврдам ние имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. И одговорно тврдам и стојам позади тоа. Јас не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен. И било што и да се случува, ние секогаш нема да се соочуваме со добри вести и добри информации. Знаете дека барем кај мене има транспарентност и секогаш навремено ја информирам јавноста – преку социјални мрежи, преку медиуми…- рече тој апелирајќи до граѓаните да бидат спокојни и да не стварат хистерија.

Тврди дека станува збор за ширење злонамерни дезинформации и создавање хистерија. 

-Уште од вчера имав информации дека од одредени центри се спрема момент во кој што ќе се шири паника во Градот Скопје дека наводно е присутна одредена бактерија во водата. Тоа започна пред некој ден со одредени приказни на терен дека постоело опасност поради депонија која е на 30 километри од изворот Рашче, да се контаминира водата и да се загрози изворот. Денеска се чисти депонијата од страна на „Водовод и канализација“ и останатите служби, но никој не спомна дека таа депонија се наоѓа 30 години наназад. И откога вчера при мое обраќање преку социјалните мрежи го разбив тој меур од сапуница кој сакаа да го создадат поединци, а доаѓаат од одредени центри на опозицијата, се појави ова сега со наводни бактерии- рече Ѓорѓиевски.

Потенцира дека пораките се ширеле во групи со родители на деца од претшколска возраст, градинки, основни училишта со содржина дека наводно „некоја госпоѓа дознала од пријателката дека се направени анализи и водата била заразена со бактерии“.

Градоначалникот Ѓорѓиевски на самата прес-конференција испи чаша вода од скопскиот водовод за да им докаже на граѓаните дека водата од чешмите во Скопје е безбедна за пиење.

-Сакам да се напијам од водата од чешма. Сакам да се напијам и јас пред вас и да знаете дека водата во Скопје е безбедна и дека скопјани пијат безбедна вода – рече градоначалникот, по што му беше донесена чаша вода.

Не исклучува зад тоа да стојат и обиди за политичко профитерство од одредени структури.

-Каде е проблемот кај опозицијата? Прв пат по 10 години, ние оваа година, во овој екстремно топло лето, немаме проблем со водоснабдувањето и притисокот. Знаете дека минатото лето, половина Скопје немаше вода. Тоа се должи поради тоа што одговорни луѓе ја водат институцијата, навремено ги саниравме сите оние проблеми и пропусти од минатото, и годинава немаме проблем. И затоа се оди на варијанта да се шират лаги и дезинформации, со цел да се створи паника во јавноста.  Но, освен ова што е организиран напад од опозицијата генерално, знаете на кого мислам, не мислам само на СДС, тука мислам и на партија сателит која што им помага често пати на СДСМ. Ова е организиран напад за ширење на хистерија, според мене, рамно на терористички напад – рече тој.

Градоначалникот најави одговорност за оние кои со тоа ја вознемируваат јавноста и предиздивикуваат паника кај наслението. 

-Се сублимираат сите профили, и лажните, но и оние приватни, а се припадници на опозициските партии, и уредно, во текот на денот, од страна на директорот на „Водовод и канализација“ ќе бидат доставени до Министерството за внатрешни работи, каде што барам да се постапи соодветно против истите. Тука ќе има одговорност. Ова не е детска игра, па можете било каква информација да ја лиферувате во јавноста и од сето тоа да пробате политички да профитирате. Ова е сериозен напад – потенцира Ѓорѓиевски.

Посочи дека надлежните служби постојано вршат анализи кои покажуваат дека водата во Скопје е квалитетна и безбедна за пиење.

Емилија Аневска, раководител на сектор за санитарна контрола на водата при ЈП „Водовод и канализација“ соопшти дека од 36 локации се земени примероци и резултатите покажувале дека не е евидентирано присуство на никаков вид на бактерии.

-Од 36 локации се земени примероци од цел Град Скопје. Преземен е уште еден вонреден примерок од водоснабнителниот систем на Град Скопје, а тоа мерното место кај фабриката Пивара и е направена брз ПСР анализа, со која за помалку од четири час имаме основни индикаторски параметри каде што констатираме дека не е евидентирано присуство на геномски копии на ешерихија коли, на колиформни бактерии, ниту на псеудономос. Ова се резултати од 36 мерни места комплетна физичко-хемиска анализа и микробиологичка анализа со датум од понеделникот, затоа што знаеме дека за микробиолошката анализа се потребни околу 48 часа. Сите примероци искрено ги задоволуваат критериумите согласно барањето на проблемите за безбедност на вода – рече Аневска.

Во однос на препаратот што го користи Град Скопје за прскање против комарци, Ѓорѓиевски потенцира дека средствата ги одобрува Министерството за здравство, додека прскањето го врши Центарот за јавно здравје. Нагласи дека што се однесува до нивните обврски, како Град Скопје, се целосно реализирани и спроведени.

-Ние досега имаме спроведено 12 прскања, од кои дел се теренски, дел се авионски, согласно елаборатот  и препораките и средствата одобрени од Министерството за здравство. Наредната недела во вторник е закажано 13. прскање. Ако направиме паралела колку пати се прскало во минатото, многу повеќе се прска оваа година. И така треба да функционира целиот систем. Ние имаме спроведени две јавни набавки – едната се однесува на авионско прскање, а другата на теренско. Средствата кои се користат се одобрени од Министерството за здравство и теренското прскање го врши Центарот за јавно здравје. Што значи дека ние прскаме со препарати кои што единствено се одобрени од Министерството. Не станува збор за тоа дали се прскало или не прскало, затоа што прскано е навремено, рутите се објавени. Понатаму, останува на Министерството, на Институтот и на Центарот за јавно здравје да одлучуваат во понатамошните текови – рече тој.

Ѓорѓиевски апелира до ОЈО да истражи не само за енормното загадување на природата со отпад во заштитеното подрачје во близина на изворите Рашче, туку и за други локации. 

-Апелирам до нив да отворат истрага, освен што ќе поднесеме до МВР, да се охрабрат да отворат истрага и за оваа денеска што се прави во јавноста преку социјални медиуми, преку вибер групи и се останато, сакајќи да се нанесе политички удар, а со тоа да се предизвика хистерија кај целокупното население во Градот Скопје – рече скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.

Околу прашањето со отпадот, Ѓорѓиевски најави дека повеќе од 3 илијади контејнери ќе пристигнат на почетокот на септември. Потенцира дека е завршена постапката за набавка на камиони за собирање отпад од страна на Министерството за транспорт преку Светската банка и за скоро се очекува да пристигнат.