Регион
Старовиќ: Србија планира да ги исполни условите за влез во Шенген до крајот на 2027 година
Србија си постави цел да биде целосно подготвена за приклучување кон Шенгенскиот простор до крајот на 2027 година – изјави српскиот министер за европски интеграции Немања Старовиќ во интервју за Радио Белград.
– Имаме сопствен акциски план што треба да се реализира до крајот на 2027 година, за да бидеме подготвени за пристапување кон Шенген-зоната. Мислам дека тоа е следната голема тема, бидејќи сме свесни оти вистинското проширување на ЕУ, односно полноправното членство на земјите кандидатки, тешко дека ќе се случи до крајот на оваа деценија поради внатрешните проблеми во самата Унија – истакна Старовиќ.
Тој додаде дека српската влада веќе формирала посебна работна група, со која раководи Министерството за внатрешни работи, а чија примарна задача е исполнување на сите критериуми за приклучување кон Шенген. Според него, европскиот пат на Србија, актуелните преговори со ЕУ, регионалната соработка и новите иницијативи за Западен Балкан во моментов се во фокусот на српската влада.
Говорејќи за финансиската поддршка, Старовиќ потсети дека Србија досега има добиено 168 милиони евра преку предфинансирањето и првата транша од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, додека во следните три транши се очекува прилив на уште над 300 милиони евра.
Во однос на подобрувањето на економските услови, министерот го издвои пристапувањето кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што драстично ги намалува трошоците за банкарски трансфери.
– Некои проценки покажуваат дека нашите граѓани и стопанството можат да заштедат и до 300 милиони евра годишно благодарение на воведувањето на системот СЕПА. Сметам дека тоа во никој случај не е мала сума – нагласи српскиот министер.
Покрај ова, Србија е подготвена и за отворање формални преговори со Европската комисија за целосно укинување на роамингот со ЕУ.
– Верувам дека во следните неколку недели ќе го започнеме овој формален преговарачки процес. Подготвени сме во рок од неколку месеци да го исполниме она што се бара од нас – односно измените на Законот за телекомуникации и уште неколку законски дополнувања. Потоа топката повторно ќе биде во дворот на Европската комисија, која треба да ни овозможи пристап до овој систем – рече Старовиќ.
Според него, дополнителен импулс на европскиот пат на земјата му дава и неодамна започнатиот стратешки дијалог меѓу Србија и САД, кој отвора можности за сериозни американски инвестиции во енергетскиот сектор, инфраструктурата и високите технологии.
август 12, 2026
