Connect with us

Регион

Статистика на уништувањето: Шумските пожари во Србија за 20 години пеплосаа површина колку 72.000 фудбалски игралишта

Во Србија во шумски пожари во периодот од 2006 до 2025 година изгореа повеќе од 51.632 хектари шума, односно над 516 квадратни километри, покажуваат најновите податоци на Републичкиот завод за статистика што ги пренесе порталот „Нова економија“.

Станува збор за застрашувачка зафатена површина што е еднаква на околу 72.000 фудбалски игралишта. Податоците откриваат дека во изминатите две децении повеќе страдале приватните отколку државните шуми — огнот уништил околу 27.700 хектари приватна и 23.400 хектари државна шума, со која стопанисуваат јавните претпријатија како „Србијашуме“, „Војводинашуме“ и управувачите со националните паркови.

Како критични и најлоши години за српскиот шумски фонд се издвојуваат 2007, 2012, 2024 и 2025 година. Иако 2007 година беше рекордна според вкупната опожарена површина, најголема оштетена дрвна маса е забележана во 2012 година, кога огнот уништи повеќе од 63.000 кубни метри дрво.

Бранот шумски пожари и деновиве интензивно ја пустоши Србија. Во Специјалниот природен резерват „Делиблатска Песочара“ во Јужен Банат — познат и како „Европска Сахара“ — од 5 август до денеска изгореа над 1.500 хектари шума и ниска вегетација. За споредба, во големиот пожар на истото место во 1996 година изгореа околу 3.800 хектари, што значи дека годинешниот огнен стихиен бран за само неколку дена проголта речиси половина од површината уништена пред три децении.

Покрај пожарите во Војводина, противпожарните екипи, армијата и локалното население и понатаму се борат со огнот на планината Столови, во подрачјето на Полумир и Маглич кај Краљево, како и во близина на селото Гамзиград во околината на Заечар.