Свет
Поради сушата во Франција речиси 70 проценти од земјата е под ограничувања за потрошувачка на вода
Речиси 70 проценти од територијата на Франција во моментов се наоѓа под ограничувања за потрошувачка на вода поради интензивната суша предизвикана од последователните топлотни бранови што ја погодија земјата во последните три месеци, соопшти денеска Министерството за еколошка транзиција на земјата.
„Со оглед на тоа што Франција се соочува со посебно интензивна суша, ефектите од климатските промени продолжуваат да ги влошуваат тензиите со водените ресурси“, се наведува во соопштението што го пренесува „Фигаро“.
Вкупно 99 департмани во Франција, односно подрачјата на речиси сите градови во земјата, од вчера се наоѓаат најмалку на прагот на предупредување за потрошувачка на вода. Меѓу нив, 67 департмани се во кризна ситуација, а 21 е во состојба на зголемена подготвеност.
Ограничувањата за употреба на водата се однесуваат, во зависност од прогласеното ниво на кризна ситуација, на полевање градини и зелени површини, полнење базени, миење автомобили и наводнување земјоделски култури.
Министерката за еколошка транзиција Моник Барби најави дека в среда ќе се сретне со членовите на Комитетот за хидролошки очекувања и следење (CASH), како и со регионалните префекти, за да разговараат за предизвиците што ги носи сушата.
август 11, 2026
