Свет
Украина тврди дека Русија планира да го зголеми бројот на лансирања балистички ракети на 200
Русија планира да го зголеми бројот на балистички ракети што може истовремено да ги лансира врз територијата на Украина од сегашните 77 на 200, изјави денеска командантот на украинските Сили за беспилотни системи, Роберт Бровди.
– Дури и ако успеат да лансираат само половина од тој број, сето тоа ќе лета кон нас – рече Бровди.
Тој додаде дека единствениот начин да се намали бројот на ракети што Русија може да ги лансира истовремено е напад врз секој објект што учествува во нивното производство, истакнувајќи го значењето на украинските напади со долг домет на територијата на Русија.
Бровди предупреди и на други закани, наведувајќи дека бројот на беспилотни летала од типот „шахед“, кои за Украина е потешко да ги собори, во последните неколку недели се удвоил.
Тој исто така укажа дека Русија во големи размери поставува системи за попречување на сателитските комуникации, што би можело во извесна мера да го влоши квалитетот на комуникацијата преку системот „Старлинк“.
„Укринформ“ претходно пренесе дека заменик-началникот на Главната управа за разузнавање при Министерството за одбрана на Украина, генерал-мајор Вадим Скибицки, изјави дека Русија забрзано распоредува групација сателити „Рассвет“, сопствена алтернатива на системот „Старлинк“, и дека тоа го прави побрзо отколку што било предвидено со нејзините планирања.
август 11, 2026
