Connect with us

Свет

Багеи: Земјите во регионот повеќе не можат да се потпираат на САД за безбедност како порано

Земјите од Блискиот Исток повеќе не можат да се потпираат на тврдењата на САД дека ќе им осигуруваат безбедност како во минатото – изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи.

– Амбициите на ционистичкиот режим не се нешто за кое можеме да кажеме дека се скриени. Нападите на израелскиот режим врз Либан, Палестина и Сирија и заканите кон земјите од Блискиот Исток укажуваат дека земјите во регионот не можат да се потпираат на тврдењето дека Соединетите Американски Држави ќе им обезбедуваат безбедност како во минатото – изјави Багеи на прес-конференција.

Според него, по избувнувањето на израелско-палестинскиот конфликт пред три години и почетокот на, како што рече, геноцидот во Појасот Газа, земјите во регионот дошле до заклучок за тоа кој претставува најголема закана за стабилноста и безбедноста на целата меѓународна заедница.

– Самата Америка беше дел од несигурноста во регионот. Ционистичкиот режим сигурно не би можел да ги изврши своите злосторства без американска поддршка. Веруваме дека безбедноста во регионот е неделива. Секој план што правилно ќе го идентификува непријателот и заканата има шанси да помогне во зајакнувањето на безбедноста – рече Багеи.

Говорејќи за трилатералниот договор за одбрана што минатата недела во Мека го потпишаа Турција, Саудиска Арабија и Пакистан, Багеи оцени дека земјите во регионот сфатиле дека безбедноста не е стока што може да се купи.

– Политиката на Иран беше да ги повикува земјите во регионот на соработка и зајакнување на внатрешната безбедност без потпирање на странски актери. Овој развој на настаните мора да се земе предвид – посочи Багеи.

Тој потсети дека во изминатите неколку години бројни новинари ги загубиле животите во Палестина, Либан и во други земји.

– Многумина од нив беа активни во областите на медиумите, информирањето и културата. Го почитуваме нивното сеќавање и упатуваме поздрави до сите маченици – истакна Багеи.

Тој изрази очекување дека земјите во регионот ќе се „воздржат од ставање на својата територија на располагање на непријателот“, оценувајќи дека тоа не е големо очекување и дека е во согласност со принципот на добрососедство.

– Иран самостојно носи одлуки за своите национални интереси и грижи – порача Багеи.