Connect with us

Свет

Цените на нафтата растат откако Иран постави услови за повторно отворање на Ормуската Теснина

Цените на нафтата денеска пораснаа откако условите што ги постави Иран за повторно отворање на Ормуската Теснина предизвикаа загриженост дека нарушувањата на глобалните енергетски пазари би можеле да продолжат подолг период.

Цената на референтната северноморска нафта „брент“ со испорака во октомври се зголеми за 1,09 отсто, на 84,46 долари за барел, додека американската нафта „Вест Тексас интермедијат“ (ВТИ) со испорака во септември поскапе за 0,84 отсто, на 78,84 долари за барел.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера изјави дека овој стратешки поморски пат нема да биде повторно отворен додека Вашингтон не ги исполни условите, меѓу кои се ублажување на санкциите и исплата на воени репарации. Тој, исто така, посочи дека Техеран во моментов нема директни разговори со САД, и покрај тврдењата од Вашингтон дека договорот е близу.

„Ормуската Теснина и понатаму е практично затворена“, соопшти „Вестпак“, додавајќи дека неизвесноста останува висока додека војната меѓу Иран и САД влегува во својот шести месец.

И покрај нестабилноста на енергетскиот пазар, азиските берзи пораснаа. Јапонскиот индекс „Никеи 225“ се зголеми за 2,1 отсто, јужнокорејскиот „Коспи“ порасна за 0,7 отсто, а хонконшкиот „Ханг Сенг“ бележи раст од 0,6 отсто.