Connect with us

Свет

Воена вежба на Тајван: Симулирана одбрана на островот Пенгу и прво планско намалување на брзината на интернетот

Тајванската војска денеска симулираше одбрана од кинески десант на стратешки важниот остров Пенгу, а подоцна во текот на денот, за првпат во рамките на воена вежба, ќе биде намалена брзината на интернетот.

Десетдневната воена вежба, која започна минатата недела, опфаќа различни сценарија за можен напад од Кина, која го смета Тајван за своја територија, и евентуално негово заземање со сила.

Пенгу, кој е поблиску до главниот тајвански остров отколку до кинеското крајбрежје, тајванските стратези го сметаат за можна прва цел на Пекинг, кој би можел да го искористи како база за напади со дронови и ракети врз Тајван.

Подоцна денеска, владата за првпат во рамките на воена вежба ќе ја намали брзината на интернетот, со цел да се провери како населението ќе комуницира во такви услови.

Клучните услуги, како банкоматите, семафорите и повиците до итните служби, нема да бидат погодени, како ни фиксните телефонски линии и фиксните интернет-услуги.

Тајванската влада ги отфрла претензиите на Пекинг и истакнува дека единствено жителите на островот можат да одлучат за неговата иднина.