Свет
Зеленски: Северна Кореја ќе испрати до 50.000 војници во Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека до 50.000 севернокорејски војници ќе бидат распоредени во Русија за да се борат на нејзина страна против Украина, објавија денеска британските медиуми.
Зеленски изјави дека е донесена одлука за распоредување помеѓу 30.000 и 50.000 војници од Северна Кореја на територијата на Русија, не прецизирајќи како ја добил ваквата информација.
Во јули, тој процени дека Северна Кореја ќе испрати 30.000 војници за да ѝ помогнат на Москва.
Зеленски додаде дека Киев пронашол некои севернокорејски ракети на украинска територија, без да ги открие точните локации.
„Апсолутно е јасно дека Северна Кореја ќе продолжи да стекнува искуство во модерното војување, да добива лиценци од Русија и секаков вид воена опрема“, изјави претседателот на Украина во објава на Икс.
Повикувајќи го Сеул на поблиска соработка со Киев, Зеленски напиша дека Украина сака да добие поддршка од Јужна Кореја во одбраната на својот воздушен простор.
„Подготвени сме да работиме на договор за беспилотни летала и други области. Тие имаат уставни ограничувања. Но, ние би сакале соработка и сметаме на неа. Нашите дипломати се во контакт“, рече Зеленски.
Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун потпишаа сеопфатен договор за стратешко партнерство за време на посетата на Путин на Пјонгјанг во јуни 2024 година.
Договорот вклучува одредба за меѓусебна помош доколку која било од земјите се соочи со надворешна агресија.
Северна Кореја го претстави испраќањето на своите војници како помош за својот партнер.
Оваа земја досега испрати околу 14.000 војници во рускиот Курски регион во 2024 година, помагајќи ѝ на Москва да ја одбие големата офанзива на украинските сили во овој регион
август 10, 2026
