Регион
Вучиќ: Украина секогаш ќе има целосна поддршка од Србија на нејзиниот европски пат
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Србија секогаш ќе ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон европска интеграција.
„Украина секогаш ќе има целосна поддршка од нашата земја на нејзиниот европски пат и му сум благодарен на украинскиот претседател за поддршката што ѝ ја дава на Србија. Истакнав дека ја поддржуваме Повелбата на Обединетите нации и територијалниот интегритет на Украина, исто како што сме многу благодарни на Украина за поддршката на територијалниот интегритет на Република Србија и ќе продолжиме да ја следиме таквата принципиелна политика“, рече српскиот претседател.
Тој најави дека му е голема чест и задоволство да го угости Володимир Зеленски во Белград, осум години по последната посета на украински претседател на Србија.
„Разговаравме за подобрување на нашите билатерални односи во сите области на општествениот живот и верувам дека преку соработка во земјоделството, енергетиката и сите други области, трговската размена може да биде многу поголема. Разговаравме и за заеднички проекти во областа на инфраструктурата и вклучувањето на украински компании на територијата на Република Србија и верувам дека можеме да постигнеме добри и многу значајни резултати во иднина. Денес не разговаравме за никаква воена соработка, а што ќе се случи кога ќе заврши војната е друго прашање“, рече Вучиќ на прес-конференција.
Но, на крајот од своето обраќање до медиумите, тој сепак го спомена безбедносниот сектор.
„Ќе отвориме фабрика за дронови тука во септември, но со Израелците. Украинците се многу успешни и имаат многу свои фабрики за дронови“, додаде српскиот претседател.
Тој му се заблагодари на украинскиот претседател Зеленски за неговата посета на Србија и изрази верување дека средбите меѓу двете земји ќе бидат неспоредливо почести во иднина отколку порано. Прес-конференцијата се одржа по средбата на делегациите и потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија и Државната служба на Украина за безбедност на храната и заштита на потрошувачите.
Вучиќ синоќа приреди вечера во чест на Зеленски по неговото слетување на аеродромот во Белград, каде го пречека српската министерка за енергетика и рударство, Дубравка Хандановиќ.
август 10, 2026
