Свет
Американскиот Сенат, со тесно мнозинство, го потврди Тод Бланш за генерален обвинител
Американскиот Сенат денеска, со тесно мнозинство, го потврди поранешниот личен адвокат на претседателот Доналд Трамп, Тод Бланш, за генерален обвинител, јави ДПА.
Сенатот, контролиран од републиканците, гласаше со 50-49 за изборот на Бланш, кој од април беше вршител на должноста генерален обвинител.
Неговата номинација привлече значителна проверка и критики, вклучително и од самата Републиканска партија на Трамп, потсетува германската агенција.
Републиканските сенатори Сузан Колинс од Мејн и Лиза Мурковски од Алјаска гласаа против неговото потврдување, приклучувајќи се кон сите демократи во сенатскиот дом.
Бланш го презеде Министерството за правда како вршител на должноста откако Трамп ја отпушти поранешната генерална обвинителка Пам Бонди поради критиките за нејзиното справување со последиците од скандалот околу осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, кој почина во 2019 година.
Пред да стане вршител на должноста генерален обвинител, Бланш беше заменик-генерален обвинител и се смета за лојален сојузник на Трамп.
Пред реизборот на Трамп, Бланш беше член на неговиот тим на одбраната во кривичниот судски процес во Њујорк за фалсификување на деловни евиденции за прикривање плаќања за молчење на порно актерка, потсетува ДПА.
август 10, 2026
