Регион
Бугарскиот парламент гласаше претседателските избори да се одржат на 25 октомври
Бугарскиот парламент денеска гласаше претседателските и изборите за потпретседател на Бугарија да се одржат на 25 октомври, а евентуалниот втор круг да се одржи на 1 ноември.
За одлуката гласаа вкупно 138 пратеници од партиите Прогресивна Бугарија, Движење за права и слободи (ДПС) и Препород, никој не беше против, додека седум пратеници од движењето „Промените продолжуваат“ се воздржаа од гласање, пренесе БТА.
Пратениците на коалицијата ГЕРБ – СДС и Демократска Бугарија не учествуваа во гласањето.
Во согласност со Уставот на Бугарија, доколку ниеден кандидат не го освои потребниот број гласови во првиот круг, вториот ќе се одржи седум дена подоцна, а силите ќе ги одмерат двајцата кандидати со најголема поддршка.
Предлогот за распишување избори го поднесоа пратеници од неколку парламентарни групи, од партиите Прогресивна Бугарија, Преродба, ГЕРБ – бСДС и Демократска Бугарија.
Пратеникот од Демократска Бугарија, Јордан Иванов, изјави дека датумот на изборите е одреден за владејачкото мнозинство да се обиде да спречи пад на јавната поддршка.
Тој исто така оцени дека не е соодветно евентуалниот втор круг да се одржи на 1 ноември, бугарскиот национален празник посветен на просветните работници и културните преродбеници, кога училиштата, културните институции и локалните самоуправи се ангажирани во прославата на празникот.
Претседателот на пратеничката група „Прогресивна Бугарија“, Петар Витанов, ги отфрли ваквите тврдења наведувајќи дека датумот бил претходно договорен на состанокот на претседателите на пратеничките групи и дека бил поддржан од речиси сите опозициски партии, освен движењето „Промените продолжуваат“.
Според него, целта била изборите да се одржат порано додека временските услови се поповолни за да може да гласаат што е можно повеќе граѓани.
август 1, 2026
