Connect with us

Свет

Претседателот на турскиот парламент предложи привремен закон за разоружување на ПКК пред летната пауза

Претседателот на Големото национално собрание (Меџлисот) на Турција, Нуман Куртулмуш, предложи донесување привремен закон поврзан со разоружувањето на Курдската работничка партија (ПКК), која е прогласена за терористичка организација.

Куртулмуш го даде предлогот по средбите со претставниците на парламентарните партии во два последователни дена. Тој очекува законот да биде донесен пред летната пауза на пратениците.

– Ова ќе биде привремен и посебен закон. Тој ќе утврди критичен праг – дека организацијата го положила оружјето и се распуштила. Законот задолжително мора да содржи механизам за контрола. Тој во никој случај не треба да има карактер на општа или индивидуална амнестија. Клучното прашање, особено во овие летни месеци, е да се обезбеди предавањето на оружјето од членовите на организацијата и нивното враќање во земјата, односно да се обезбеди прекин на нивните организациски активности. Сметаме дека со таа цел законот треба да се стави на дневен ред и тоа на начин што ќе го отвори патот и ќе биде сеопфатен – изјави Куртулмуш.

Тој го опиша законот како краток, без многу детали, кој ќе дефинира што ќе претставува споменатиот механизам за контрола, ќе содржи рокови и ќе одразува општ консензус.

Во мај минатата година Курдската работничка партија објави дека се распушта и му става крај на вооруженото дејствување. На 11 јули борците на организацијата почнаа церемонијално да го предаваат и уништуваат оружјето, а на 26 октомври објавија дека целосно се повлекле од Турција.

Во врска со тоа, во август 2025 година во Меџлисот беше формирана и Комисијата за разоружување на ПКК, која требаше да даде предлози за законодавни измени поврзани со процесот. Нејзиниот извештај беше усвоен во февруари 2026 година.

Вчера историскиот лидер на ПКК, Абдулах Оџалан, кој ја издржува казната на островот Имрали во Мраморното Море, повторно повика на законодавни измени кои ќе го доведат процесот до крај и ќе ја гарантираат еднаквоста меѓу Турците и Курдите.

Денеска претседателот на Парламентот го опиша периодот низ кој поминува Турција како важен историски момент и изрази надеж дека текстот на новиот закон ќе го отвори патот кон нова етапа за земјата.

Ad
Ad