Connect with us

Свет

Иран ги отфрли тврдењата за активности во подземниот објект „Пикакс“ по заканите од Трамп

Иран ги отфрли тврдењата дека спроведува активности во утврдениот подземен нуклеарен објект познат како „Планината Пикакс“ (Pickaxe Mountain), откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани со можни воени удари врз тој регион, јави ДПА.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, на социјалната мрежа Икс напиша дека информациите што ги пласираат САД за наводни нуклеарни активности во објектот во централен Иран „не се ништо повеќе од фабрикуван изговор за агресија, уништување и саботажа“.

Тој нагласи дека сите ирански нуклеарни активности се целосно пријавени до Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Трамп неколкупати вчера се закани со напад врз објектот за време на средбата со либанскиот претседател Жозеф Аун.

– Ќе го погодиме тој регион многу скоро и многу силно – изјави американскиот претседател. 

Подземниот објект се наоѓа во планина јужно од постројката за збогатување ураниум во Натанц, а за неговата намена речиси и да нема јавно достапни информации.

Изградбата започна по пожарот и експлозијата во јули 2020 година, кои сериозно ја оштетија надземната монтажна хала за напредни центрифуги во нуклеарниот комплекс Натанц. Техеран тогаш соопшти дека станува збор за саботажа.

Ad
Ad