Регион
Бугарскиот парламент одобри американски авиони-цистерни во базата „Безмер“ како поддршка за операциите на Блискиот Исток
Бугарскиот парламент го одобри барањето на САД за распоредување американски авиони-цистерни во воздухопловната база „Безмер“ како поддршка на американските воени операции на Блискиот Исток, додека премиерот Румен Радев изјави дека Бугарија ги исполнува своите сојузнички обврски и категорично ја отфрли можноста од нејзина територија да се изведуваат борбени операции.
Предлогот на Владата беше поддржан од 124 пратеници на „Прогресивна Бугарија“ и 15 пратеници од ДПС. Еден пратеник од „Прогресивна Бугарија“ гласаше против, а двајца беа воздржани. Против гласаа и 12 пратеници од „Преродба“, додека пратеничките групи на ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме со промената“ (ПП) и „Демократска Бугарија“ (ДБ) не учествуваа во гласањето.
– САД се нашиот главен сојузник во областа на безбедноста. Во моментов ги исполнуваме нашите сојузнички обврски. Ако ние не ги исполнуваме нашите обврски кон САД во сферата на безбедноста, како можеме да очекуваме тие да ги исполнуваат своите кон нас? – изјави Радев, кој беше повикан во пленарната сала за време на расправата.
Со одлуката е овозможено во воздухопловната база „Безмер“ да бидат распоредени до осум авиони-цистерни „КС-135“ и до 250 американски војници. Американските авиони, според најавите, би можеле да пристигнат уште в петок, а Вашингтон дал гаранции дека ќе ги минимизира сите можни ризици и ќе придонесе за заштита на Бугарија од потенцијални закани.
Во исто време, градоначалниците на општините Јамбол, Тунџа, Елхово, Стралџа и Болјарово излегоа со заеднички став против распоредувањето на американските авиони-цистерни во базата „Безмер“.
Парламентарната расправа помина во атмосфера на меѓусебни обвинувања. Од ГЕРБ, ПП и ДБ го потсетија Радев на неговите претходни изјави за вмешаноста на Бугарија во војната во Украина и неговите критики кон, како што ги нарекуваше, „военољубците“, обвинувајќи го за дволичност и популизам.
Радев возврати дека јавноста била доведувана во заблуда.
– Бугарските граѓани престанаа да им веруваат на политичарите поради безобразните лаги. Во американската дипломатска нота беше наведено дека станува збор за воена вежба. Кажете го името на таа вежба и кој бил нејзин командант. Од самиот почеток беше јасно дека овие авиони не се тука за вежба. Тоа го потврди и американскиот државен секретар Марко Рубио, кој ѝ се заблагодари на Бугарија за поддршката на операцијата на Блискиот Исток – рече Радев.
Од „Прогресивна Бугарија“, пак, ги обвинија претходните власти дека годинава ја довеле јавноста во заблуда кога дозволиле американски авиони да бидат стационирани на аеродромот во Софија.
Радев нагласи дека нема промена во неговите ставови.
– Не водиме двојна, ниту военољубива политика. Војната во Украина нема воено решение. Тоа им го кажав и на нашите партнери. Се обидуваме да победиме најголема нуклеарна сила без да можеме соодветно да возвратиме. И дома и во странство зборувам исто – дипломатија и преговори – истакна премиерот.
Од ГЕРБ возвратија дека претходната американска нота се однесувала исклучиво на учество во воена вежба.
Пратеникот Божидар Божанов од ДБ оцени дека Радев систематски го нарушува европскиот консензус.
– Можевте да добиете поддршка за оваа тешка одлука доколку нудевте долгорочни решенија, доколку не го рушевте европскиот консензус и доколку бевте искрени со бугарските граѓани. Денес нема да учествуваме во гласањето. Ќе ве оставиме сами со вашето политичко лицемерие и популизам – изјави Божанов.
На седницата на Владата, пред парламентарната расправа, Радев категорично изјави дека од бугарска територија нема да се водат борбени операции на Блискиот Исток. Тој нагласи дека американските авиони во „Безмер“ ќе имаат исклучиво логистичка улога за воздушно дополнување со гориво надвор од бугарскиот воздушен простор.
– Бугарската влада ја отфрла практиката вакви одлуки да се носат зад грбот на граѓаните. Затоа ја информиравме јавноста за барањето на нашите сојузници и го доставивме предлогот до Народното собрание, каде што народните претставници ќе донесат одлука – рече Радев.
Пратеникот Слави Василев од „Прогресивна Бугарија“ оцени дека одлуката не треба да се гледа како еднострана услуга кон САД.
– Со ова се создава политички и сојузнички капитал што Владата ќе го искористи во интерес на Бугарија. Ние сме лојален сојузник, но лојалноста не значит откажување од националниот интерес – рече Василев.
Министерот за одбрана Димитар Стојанов изјави дека станува збор за тешка, но неопходна одлука. Тој истакна дека со ова не се нарушува националниот суверенитет, бидејќи Народното собрание во секој момент може да ги измени параметрите на распоредувањето – бројот на војниците, бројот на авионите и времетраењето на нивниот престој.
– Секое отстапување од параметрите што ги одобрил парламентот ќе бара ново одобрение од бугарските институции. Побаравме и добивме гаранции од нашиот стратешки партнер за минимизирање на ризиците за националната безбедност, а преземени се и дополнителни мерки на национално ниво – рече Стојанов.
Тој појасни дека барањето произлегува од дипломатска нота на Амбасадата на САД од 17 јули, со која се бара дозвола за распоредување до осум авиони „КС-135“ и до 250 американски војници во базата „Безмер“ во периодот од 24 јули до 1 октомври 2026 година. Стојанов додаде дека барањето се темели на билатералниот договор за заедничко користење на воените капацитети, потпишан во 2006 година, кој во 2016 година беше прогласен за договор на неопределено време.
Бугарското Министерство за надворешни работи, во меѓувреме, соопшти дека добило дипломатска нота од Амбасадата на Иран во Софија во врска со распоредувањето на американските авиони, но нагласи дека Бугарија не презема непријателски дејствија против Иран и само ги исполнува своите договорни обврски кон сојузникот САД.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, ги критикуваше владејачките партии дека повторно настапуваат со различни позиции и избегнуваат политичка одговорност.
јули 23, 2026

