Регион
ЕУ го критикува Косово за одбивањето српските судии и обвинители да се вратат на работа
Европската Унија изрази загриженост поради одлуката на Косовскиот обвинителски совет да ги прифати оставките на српските судии, обвинители и административен персонал, иако тие претходно ги повлекоа оставките, како и поради одлуката на косовската претседателка во технички мандат да ги прогласи тие оставки за важечки.
– Ова изгледа неспоиво со законот, правната постапка и општите принципи на владеење на правото на Косово – соопшти портпаролот на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
ЕУ ги повика сите надлежни институции да се воздржат од активности што би ја спречиле реинтеграцијата на косовско-српскиот судски персонал, потсетувајќи дека Косово е мултиетничко општество и дека неговиот правосуден систем мора да го одразува етничкиот состав на населението.
Во соопштението се поздравува повлекувањето на оставките од 15 јули од страна на српските судии, обвинители и административен персонал, а повторно се повикува Приштина да овозможи нивно враќање на работа во согласност со косовските закони и договорите постигнати во рамките на дијалогот.
Косовскиот обвинителски совет вчера ги одби барањата за повлекување на оставките на петмина обвинители и 15 службеници од српската заедница во Основното обвинителство во Митровица.
Косовската претседателка во технички мандат, Албулена Хаџиу, денеска соопшти дека потпишала укази за разрешување на седуммина обвинители од српската заедница, оценувајќи дека со тоа е завршен повеќегодишен процес во согласност со Уставот и законите на Косово.
јули 22, 2026


