Регион
Вучиќ: Парламентарни избори во Србија се можни во следните 80 до 120 дена
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека парламентарни избори во Србија би можеле да се одржат во рок од 80 до 120 дена.
Во интервју за телевизијата „Информер“, Вучиќ рече дека има намера да учествува во изборната кампања не како претседател, туку како обичен граѓанин.
Тој додаде дека планира да ја поддржи изборната листа „Единствена Србија“, составена од владејачките партии и од нивните коалициски партнери.
Вучиќ појасни дека неговото учество во кампањата ќе биде ограничено поради официјалните обврски во септември, кога ќе престојува надвор од земјата.
Во разговорот за телевизијата тој повторно упати остри критики кон студентското движење, за кое се очекува да учествува на следните избори, оценувајќи ги неговите кандидати како „некомпетентни“ и „паразити на државна сметка“.
Тој додаде дека голем дел од кандидатите на студентските листи се вработени во државни институции и примаат плата од државата.
– Има многу луѓе во државната служба кои чесно работат, но овие луѓе не ја почитуваат државата; тие ги уништија нашите универзитети и училишта – оцени Вучиќ.
Според информациите што ги пренесе „Информер“, меѓу можните кандидати на студентските листи се ректорот на Белградскиот универзитет, Владан Ѓокиќ, пензионираната обвинителка Јасмина Пауновиќ и професорот Мило Ломпар.
На крајот на јуни Вучиќ најави дека наскоро ќе поднесе оставка од претседателската функција, но не прецизираше кога тоа ќе се случи.
Минатата недела тој изјави дека претстојните претседателски и парламентарни избори ќе се одржат во различни термини, при што најверојатно прво ќе бидат организирани парламентарните избори.
Српскиот претседател неодамна најави дека ќе се повлече од функцијата шеф на државата и ќе се кандидира за премиер, а изборите за новиот состав на парламентот би можеле да се одржат до декември 2026 година.
јули 19, 2026

