Економија
Бизнисот ја поздравува поддршката за нови работни места, но укажува дека нема потребен кадар и бара прочистување на списокот во Агенцијата за вработување
До петок, 24 јули, ќе трае пријавувањето за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“ – подмерка „Вработување и раст на правни субјекти“, од оперативниот план за вработување за 2026 година.
Како што рече заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, по работниот состанок во Стопанската комора, мерката ќе опфати 1.385 активни баратели на работа, а предвидува поддршка од 5,4 милиони евра. До крајот на вчерашниот ден се поднесени 626 пријави од компании за вработување 792 лица. Интересот е многу голем, во сите сектори – услужни дејности, трговија, производство. Првите ефекти се очекуваат во септември – октомври, по одморите.
Заинтересираните работодавачи може да се пријавуваат за поддршката во подрачните единици во кои им е регистрирана фирмата.
– Ги повикувам сите микро, мали и средни компании, социјални фирми и здруженија на граѓани, кои имаат право да се пријават, да го направат тоа и да аплицираат за мерката зашто главна цел на оперативниот план не е само да ги вработиме лицата туку и да ги задржиме во земјата. Очекуваме 93 отсто реализација на оперативниот план – истакна Ристески.
Помошта, објасни, е следна: доколку компаниите вработат лица до 29 години, поддршката изнесува 250.000 денари од лице во текот на годината, за корисници на гарантирана минимална помош (ранливи групи) – Роми, лица со попреченост, жени, долгорочно невработени и жени Ромки со завршено средно или високо образование, висината на грантот изнесува 220.000 денари, а за невработени лица над 29 години, висината на грантот за вработување на едно лице изнесува 160.000 денари.
– Работодавачот, кој вработува невработено лице до 29 години, е должен да го вработи на неопределено време, со полно работно време, и да го задржи во работен однос најмалку 15 месеци, лицата од ранливите категории треба да ги задржи најмалку 12 месеци, а лицата што ги вработиле, а имаат над 29 години, треба да ги задржат најмалку 9 месеци во текот на годината. Услов за поддршката е лицата да имаат средно или високо образование и да бидат активни баратели на работа, барем еден ден да бидат пријавени во Агенцијата за вработување. Платата ќе зависи од компаниите, но нема да биде под минималната. Ние, како што веќе кажав, за секое вработено лице даваме субвенции во однос на возраста и категоријата. Лицата кои треба да бидат задржани ќе се мониторираат – дали ги исполнуваат условите во однос на месеците кои треба да ги задржат – објасни заменик-министерот.
Претставниците на коморите што присуствуваа на состанокот ја поздравија мерката, но повторно укажаа дека меѓу регистрираните невработени нема или многу ретко се наоѓа кадар каков што им треба на компаниите.
– Има речиси 100.000 невработени, но не можеме да најдеме кадар што ни е потребен. Лесно можеме да ја намалиме бројката на невработени за половина, можеме да апсорбираме околу 50.000, но нема тоа што ние бараме – нагласи претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Нухи Алиу.
Тој предложи да се обезбедат псебни фондови за преквалификација и обуки на оние што чекаат во Агенцијата за вработување.
Според претседателот на Сојузот на стопанските комори, Горан Ѓорѓиевски, мерката за поддршка на нови работни места е одлична и во иднина треба да има и други вакви мерки што ќе ја намалат невработеноста.
– Треба да се прочистат и списоците во Агенцијата за вработување зашто не се толку невработени колку што е наводно сегашната бројка од речиси 91.000 – нагласи Ѓорѓиевски.
јули 15, 2026


