Вести
Инспекторатот за транспорт доби 18 возила како донација од Европската Унија
Осумнаесет возила, од кои две специјално опремени за следење, доби Инспекторатот за транспорт од Европската Унија. Донацијата, што денеска лично евроамбсадорот Михалис Рокас му ја предаде на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е вредна 700 илјади евра.
За вицепремиерот Николоски, станува збор за значајна поддршка што ќе овозможи Инспекторатот многу поефикасно да ја извршува својата работа и да ја покрива целата територија на државата.
– Навистина е големо задоволство да ја промовираме оваа голема донација, која Европската Унија ја прави за нас. Ова е навистина многу значајно. Државниот инспекторат за транспорт со ова добива комплетно нова димензија. Ако претходно луѓето што работат во Инспекторатот се обидуваа колку што може да ја покријат територијата на државата, по оваа донација, ќе можат целосно да ја покријат и да бидат присутни буквално на секоја точка – изјави Николоски.
Новите специјално опремени возила, како што истакна Николоски, ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура.
– Со овие 16 специјално опремени патнички возила, двете специјално опремени возила за следење и специјално адаптираното комбе, кое ќе служи како контролен центар, Инспекторатот ќе може целосно да ја заврши својата работа. Тоа значи повеќе безбедност на патиштата, побрз и поефикасен инспекциски надзор, но и подобра заштита на патиштата преку контрола на прекумерната тежина на камионите, превозот на опасни материи и контролата на автобусите за да ги исполнуваат сите стандарди за превоз на патници – рече Николоски.
Инвестициите во патната инфраструктура мора да бидат проследени со засилени контроли, со цел да се зачува нивниот квалитет и долговечност, порача Николоски.
– Градиме експресни патишта и автопати, но истовремено мора многу да внимаваме на безбедноста и на заштитата на патиштата. Еден од главните фактори за нивно уништување е непочитувањето на правилата. На овој начин инвестициите што ги правиме ќе добијат долгорочна вредност – истакна Николоски.
Според евроамбасадорот Рокас, денешната донација е најдобар доказ за тоа како се користат грантовите од Европската Унија и доказ дека ЕУ ѝ помага на држвава да се подготви за членство во Европската Унија.
– Со ова Европската Унија покажува како најдобро се користат грантовите на Европската Унија, а истовремено денешната испорака е уште еден доказ дека Унијата со овие возила ѝ помага на земјата подобро да се подготви за членството во Европската Унија – изјави Рокас.
Со помош на Европската Унија и грант од речиси 13 милиони евра од механизмот за поддршка на Европската Унија веќе се работи и на инсталирање интелигентни транспортни системи на Коридорот 10 по што во следниот период ќе треба да се продолжи и на Коридорот 8
јули 14, 2026


