Connect with us

Економија

Повеќе од десетина амандмани на ребалансот на буџетот разгледани на седницата на Комисијата за финансирање и буџет

Повеќе од десетина амандмани на предлог-ребалансот на буџетот поднесени од Левицата, ДУИ, СДСМ се разгледани попладнево на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет и не се прифатени од заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.

Со амандманите се бара: одвојување буџет за реализација на проектот за хидроелектраната „Чебрен“, средства за уредување на коритото на реките Радика и Црн Дрим и критичките порои во Дебарскиот Регион, средства за изградба на систем за собирање, прочистување и испуштање отпадни води во село Бањица во општина Чашка.

Некои од поднесувачите на амандманите побараа средства за реализација на проект за собирање, одведување и прочистување отпадни води во селата Горно Јаболчиште, Долно Јаболчиште и Дреново во општина Чашка, како и средства за решавање на проблемот со депониите во Кратово и во Штип.

Претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, објави пауза до 15 часот по што Комисијата ќе ја продолжи седницата на која се разгледуваат амандмани.

Амандманската расправа за ребалансот на буџетот почна вчера попладне кога беа разгледани десетина амандмани. На предлог-ребалансот поднесени се вкупно 224 амандмани.

Ad
Ad