Регион
Мицотакис уште еднаш ги отфрли сценаријата за предвремени избори во Грција
Уморен сум да повторувам: изборите ќе се одржат на крајот од мандатот, на пролет 2027 година, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за информативниот портал „Либерал“, уште еднаш отфрлајќи ги сценаријата за предвремени избори на есен, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис објасни дека Владата штотуку наврши три години откако доби доверба од грчкиот народ на изборите во јули 2023 година и нагласи дека пред нив имаат „уште една година работа“.
– Разбирам дека како што се приближуваме кон изборите, може да постои тенденција да се шпекулира со предвремени избори или да се создаде чувство на опуштање во темпото на работата на Владата, а мојата должност е да го спречам тоа, објасни грчкиот премиер.
Додаде дека и во следните месеци Владата ја чека работа, со обемна агенда на владините активности, како и завршување на Фондот за обнова до крајот на септември.
Во однос на тоа што ќе прави Нова демократија, доколку на изборите не добие доволен број гласови за формирање еднопартиска Влада, со оглед на тоа што агенциите за рејтинг ѝ даваат околу 30-31 отсто, Мицотакис објасни дека и три месеци пред изборите во 2023 година рејтингот им беше околу 33-34 проценти, а победија со речиси 41 процент.
-Сметам дека целта за еднопартиска Влада е реална и остварлива. Нема да кажам ништо повеќе. И понатаму инсистирам на потребата од еднопартиски влади и објаснувам зошто, бидејќи во сегашните околности, тоа е најдобриот избор за земјата. Исто така, верувам дека во моментов не постои ни алтернативен предлог за управување со државата, истакна Мицотакис.
Паралелно, нагласи дека во демократијата нема ќор-сокаци, а на крајот последниот збор го имаат граѓаните и уште еднаш повтори дека стремежот за освојување доволен број гласови на следните избори за формирање еднопартиска Влада „е реална цел“.
– Тоа не е илузија. Не е како ПАСОК, што е трета партија, а вели дека ќе победи на изборите со предност од еден глас. Во политиката човек мора да биде реален. И јас можеби сакам да забивам наназад како Џордан. Би бил пресреќен кога би можел да го правам тоа, но малку ми е тешко …, рече Мицотакис.
Во однос на надворешната политика на земјата, грчкиот премиер објасни дека Грција има сојузништва што ја прават „фактор на стабилност и безбедност во поширокиот регион и „мост“ меѓу Европа и земјите од Заливот“.
јули 4, 2026

