Економија
Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2026 година
Советот на Народната банка на редовната седница го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2026 година. Според Извештајот, во првиот квартал од 2026 година, банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност со високо ниво на солвентност и задоволителна ликвидност, и добар капацитет за справување со претпоставените шокови, како што покажуваат резултатите од спроведените стрес-тестови.
Како што информираат од Народната банка, кредитирањето и депозитната активност забележаа раст и во првиот квартал од 2026 година, но побавен во споредба со претходниот квартал, најмногу под влијание на сезонските ефекти, коишто се вообичаено позасилени во првиот квартал од годината. Квалитетот на кредитното портфолио се подобри и кај секторот „домаќинства“, и кај корпоративниот сектор, што придонесе за натамошно намалување на вкупната стапка на нефункционални кредити, којашто се сведе на историски најниското ниво од 1,9 проценти.
-Банкарскиот сектор остварува позитивен финансиски резултат, којшто е на ниво слично на она од истиот период минатата година, обезбедувајќи солидни показатели за профитабилноста, велат од Народната банка и додаваат дека централната банка и во иднина ќе биде претпазлива, постојано ќе ги следи ризиците и е подготвена да ги примени сите расположливи инструменти и мерки за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.
На истата седница, Советот разгледа и усвои повеќе материјали поврзани со тековното работење и надлежностите на Народната банка.
јули 3, 2026


