Економија
Димитриеска-Кочоска: Исполнети чекорите од реформската агенда посветени на транспарентност, отчетност и подобро управување со јавните финансии
Министерството за финансии постигна значителен напредок во имплементацијата на реформската агенда 2024 – 2027, со силен фокус на транспарентност, отчетност и подобрено управување со јавните финансии. Реформите што ги спроведе се клучни за зајакнување на капацитетот на државата ефикасно да апсорбира, односно да обезбедува и управува со средствата од ЕУ.
Министерството за финансии, како што соопштуваат од таму, има исполнето осум чекори од вкупно 22, што ги исполни земјата и кои резултираа со одобрување 142,1 милиони евра во рамките на реформската агенда.
– Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на работен брифинг со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија, посветен на реализацијата на реформската агенда и приоритетите во процесот на европската интеграција на државата, истакна дека Инструментот за реформи и раст е клучен двигател на реформите што ќе ги зајакнат јавните институции, ќе го подобрат управувањето, ќе поттикнат економски раст и ќе го забрзаат нашиот пат кон членство во Европската Унија. Притоа потенцира дека посветеноста на Европската комисија во поддршката на нашите реформски напори преку редовни мониторинг-состаноци и обезбедување техничка помош помага да напредуваме во клучните политички области – информираат од Министерството за финансии.
Како дел од реформската агенда Министерството за финансии исполнило чекор кој се однесува на зајакнувањето на јавната внатрешна финансиска контрола, со усвојувањето на Законот за јавната внатрешна финансиска контрола постигнато е целосно усогласување со меѓународните стандарди и принципите на ЕУ.
– Повеќе од 80 % од буџетските корисници на централно ниво и 75 % на локално ниво поднесуваат извештај за извршените внатрешни ревизии, а повеќе од 70 % од примарните буџетски корисници на централно ниво имаат документ за управување со ризик, вклучително и антикорупцискиот ризик, и ги евидентираат идентификуваните ризици во плановите за нивно ублажување. Понатаму, зајакнување на системот за јавни набавки, односно користењето на аукциите за набавки во фискалната 2025 година се намали на максимум 40 % од набавките и целта поврзана со користењето е-аукции е постигната. Притоа нивното учество останува под максималниот праг дефиниран во реформската агенда, со што се придонесува за подобрена транспарентност, конкуренција и ефикасност – информираат од Министерството.
Исто така, постигнат е напредок во спроведувањето на Законот за буџетите и реформите во делот на управувањето со јавните инвестиции.
– Во областа на управувањето со јавните инвестиции, по усвојувањето на уредбата за управување со јавните инвестиции, Министерството за финансии подготви и објави насоки за изработка на студии за изводливост и прирачник за процесот на управувањето со јавните инвестиции и спроведе обука за вработените во јавниот сектор за нивна примена. Конечната приоритетна листа на проекти за јавни инвестиции беше усвоена од овој комитет во мај 2026 година по што следува усвојување на листата од страна на Владата. Исто така, развиено е привремено ИТ-решение на соодветно ниво, кое е пополнето со податоци од одобрени концепти за проекти и мониторинг-извештаи, на тој начин се обезбедува централизирана база на податоци која ги опфаќа и тековните и новите проекти на национално ниво поддржувајќи го изборот на буџетски кандидати и следењето на финансиското спроведување на проектите – се вели во соопштението од Министерството за финансии.
Потсетуваат дека изминатиот период како дел од реформската агенда донесени биле сите 17 подзаконски акти предвидени во Законот за буџетите. Воспоставен е регистар на јавни субјекти, ревидирани се буџетските класификации, а организациската структура на буџетските корисници е рационализирана, со што бројот на примарни буџетски корисници е намален од 85 на 35, при што буџетските корисници од втора линија се јасно идентификувани.
Министерството за финансии дополнително ги исполнило пред утврдениот краен рок чекорите што се однесуваа на олеснување на пристапот до заеми за мали и средни претпријатија со проширување на издадените гаранции според државните кредитно-гарантни шеми и зголемување на бројот на мали и средни претпријатија кои имаат корист од кредитно-гарантните шеми.
јули 1, 2026


