Connect with us

Вести

Оние кои ја крадеа, распродаваа и понижуваа Македонија, сега грчевито се борат да ја блокираат: Мицкоски по најавата на СДСМ за илјадници амандмани на Изборниот законик

Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку социјалните мрежи и понуди компромис на опозициската СДСМ и побара да предложат амандмани со кои барат корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори и оти тие веднаш ќе им бидат прифатени, но, да ги повлечат другите амандмани и да го изгласаат Изборниот законик.

-Блокираат закон кој со месеци го договараа. Закон во кој им прифативме сѐ што предложија. Единственото нешто што побаравме е дијаспората да може да гласа по електронски пат уште на следните претседателски избори. Прво го прифатија, а денес го блокираат и бараат бледи алиби-аргументи. Ајде вака: предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ви ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик. Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори, во време кога во светот вештачката интелигенција ќе има клучна улога, напиша премиерот на Фејсбук.

Тој вели дека тие овојпат имаат шанса вистински и суштински да бидат за европската иднина на Македонија, не со менување на Уставот, туку со реформи.

-Истите тие кои ја крадеа, распродаваа и понижуваа Македонија, сега грчевито се борат да ја блокираат. Исплашени се дека, по декемврискиот извештај, сега и во јунскиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан повторно ќе бидеме најдобри… Но, имам лоша вест за нив и нивните коалициони леви партнери: Македонија ќе ве победи вас и вашите блокади. Повторно ќе добиеме најмногу буџетски средства и повторно ќе добиеме најмногу отворени фондови за финансирање на проекти, пишува премиерот Мицкоски на својот фејсбук-профил.

Ad
Ad