Политика
Апасиев: Да има еднакви услови за сите партии или целосно да се укине државното финансирање
Пратеникот и претседател на Левица Димитар Апасиев денеска на прес-конференција изјави дека работната група не постигнала консензус за предложените измени на Изборниот законик и оти нивното учество во работната група не значи и согласност со предложените решенија.
Апасиев рече дека останале пет клучни прашања што не биле затворени – условите за независните кандидати по одлуката на Уставниот суд, електронското гласање на дијаспората, државното финансирање на изборните кампањи и билбордите, како и воведувањето на една изборна единица.
Левица, според него, од самиот почеток се залагала наместо парцијални измени да се донесе целосно нов Изборен законик. Учеството на Левица во работната група, додаде тој, не значи и согласност со предложените решенија и поради тоа Министерството за правда треба да ја преземе одговорноста како предлагач на законските измени. Во однос на државното финансирање на изборните кампањи, Апасиев истакна дека нивниот став е или да има еднакви услови за сите политички субјекти или целосно да се укине државното финансирање и наместо тоа да се организираат јавни дебати.
– Наместо еднакви правила, остануваат истите законски решенија кои и ОБСЕ ги оцени како спорни. Повторно за сите има средства, освен за Левица, што претставува класична политичка дискриминација – рече Апасиев.
Тој најави дека Левица ќе побара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 76-д од Изборниот законик, оценувајќи дека токму оваа одредба ја исклучува Левица од системот на државно финансирање. Апасиев го повика Уставниот суд да постапи по иницијативата која, според него, повеќе од една година стои без одлука.
– Апелираме на разумност и овој процес да не се саботира. Во спротивно, пратениците на Левица уште денес ќе го блокираат донесувањето на Изборниот законик – порача тој.
Одговарајќи на новинарско прашање, Апасиев изјави дека официјалниот предлог-закон сè уште не е доставен до пратениците, но според информациите со кои располага Левица, се очекува да биде ставен во собраниска процедура во текот на денот, поради роковите поврзани со Реформската агенда.
– Со двајца пратеници Левица добиваше повеќе средства отколку денес со шест пратеници. Тоа нема никаква разумна логика – рече Апасиев на прес-конференцијата.
јуни 30, 2026

