Вести
Отворен повик за Наградата за младинско учество 2026
Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го објави повикот за номинации за Наградата за младинско учество 2026 – традиционално признание за младите кои со својот ангажман придонесуваат за позитивни општествени промени.
Наградата има за цел да ги препознае поединците и организациите кои активно работат на развој на заедниците, зајакнување на социјалната кохезија и поттикнување на младинскиот активизам.
Оваа година признанијата ќе се доделуваат во три категории: индивидуална категорија „Млади, мир и безбедност“ за лица на возраст од 15 до 29 години, категорија за неформални групи на млади со најмалку три члена, како и категорија за младински организации, организации за млади и чадор организации.
Посебен фокус на овогодинешното издание е ставен на темата „Млади, мир и безбедност“, со акцент на промовирање дијалог, ненасилство, доверба и градење инклузивни и отпорни заедници.
Покрај признанието, добитниците ќе добијат и финансиска поддршка за унапредување на нивните активности. За индивидуалната категорија се предвидени 1.500 евра, додека за неформалните групи и младинските организации по 3.000 евра.
Крајниот рок за поднесување номинации е 7 јули 2026 година до 23:59 часот. Наградите традиционално ќе бидат доделени на 12 август – Меѓународниот ден на младите
јуни 26, 2026


