Регион
Грција од 1 јули ја имплементира европската одлука и воведува три евра царина за секој производ купен онлајн од трети земји
Ако една нарачка содржи книга, тефтер и пенкало, станува збор за три различни видови производи и во овој случај се наплатува царина од девет евра (по три евра за секој вид производ), на која се додава соодветното ДДВ и евентуални други давачки, објаснија од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) во однос на новата посебна увозна царина од три евра за секој различен производ што од 1 јули ќе се воведе за онлајн-купувања до 150 евра од електронски продавници од земји вон ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку циркулар, управителот на ААДЕ, Јоргос Пицилис ги појасни новите правила за воведување увозен царински надомест од три евра што стапува во сила на 1 јули 2026 година, во сите земји-членки на Европската Унија, вклучително и Грција, а се однесува исклучиво на онлајн-купувања што потрошувачите ги вршат преку платформи за електронска трговија.
– Новиот надомест е привремена мерка и ќе важи до 30 јуни 2028 година. Од 1 јули 2028 ќе се применува редовниот царински режим и увозната царина ќе се пресметува врз основа на царинската категорија на секој производ, без оглед на неговата вредност или начинот на купување и испорака, информираа од ААДЕ
Нагласија дека новата царина од три евра се воведува на секој различен вид производ, а не за секој пакет, додека пак ако нарачката има два идентични производи, тогаш надоместот ќе се плати само еднаш.
Од Независната управа за јавни приходи на Грција истакнаа дека новите правила не влијаат врз процедурите за купување и испорака на стоки што се одвиваат во внатрешноста на Грција или меѓу земјите-членки на Европската Унија.
јуни 26, 2026


