Connect with us

Вести

Промовирана „Везилка“ – Национална фабрика за вештачка интелигенција

Македонија официјално го промовираше проектот „Везилка“ – Национална фабрика за вештачка интелигенција, кој има за цел да создаде инфраструктура за развој на современи технологии, истражувања и иновативни решенија со примена на оваа технологија, но, треба и да ја поврзе домашната научна заедница, државните институции и приватниот сектор со европската инфраструктура за развој на вештачка интелигенција. Везилка треба да придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик, бидејќи, како што беше речено на промоцијата дигиталното присуство на македонскиот јазик, како еден од јазиците со најмал број говорители во светот, станува прашање на зачувување на македонскиот културен идентитет. Проектот треба да ја подготви државата за тоа што допрва доаѓа со развојот на вештачката интелегенција. Овој предизвик за мала нација како што сме ние е голем, меѓутоа е и нова можност.

-„Везилка“ е почеток на процес кој ќе придонесе за посилна наука, подобра економија и поголеми можности за младите луѓе, и кој ќе помогне земјата да се позиционира онаму каде знаењето е многу значајно и во исто време да ја поддржува иновативноста и да создава услови иднината да се гради дома со домашен потенцијал, домашна експретиза и домашна визија, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата на Везилка – Националната фабрика за вештачка интелигенција.

Проектот го координира Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при УКИМ, во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Преку стратешко партнерство со фабриката за вештачка интелигенција „Pharos“ во Грција, „Везилка“ ја вклучува државава во европскиот екосистем за вештачка интелигенција и придонесува кон европската визија за доверлива, иновативна и вештачка интелигенција со човекот во центарот.

Според Мицкоски, пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни супер компјутерски капацитети ќе овозможи идеи создадени во државава да добијат можност да се натпреваруваат на европско и глобално ниво. Тоа, потенцира, претставува силен поттик за економски раст за нови работни места и нови можности за генераците што доаѓаат.

Преку овој центар, оцени премиерот, се отвораат нови перспективи за македонските истражувачи и универзитети, за старт ап заедницата и за компаниите кои сакаат да развиваат прозводи и услуги со висока додадена вредност.

-Особено значење има и фактот што Везилка ќе придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик. Во време кога новите технологии се повеќе стануваат простор во кој се создава и споделува знаење присуството на сопствениот јазик претставува прашање на културен контиунитет, научен развој и национална самодоверба. На тој начин се создаваат услови македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во современите технолошки процеси и достапен за идните генерации во дигиталната ера – рече Мицкоски.

Според него, ова е вложување во иднината на потенцијалот на македонските научници и истражувачи, студенти и компании, со јасна определба државата да биде активен учесник во технолошките процеси што го обликуваат современиот свет.

  • Развојот на вештачката интелигенција веќе создава нови економски модели, отвора нови индустрии, поставува нови стандарди за конкурентност. Во такви околности способноста на една држава да создава знаење, да ги поврзува науката и стопанството и да обезбеди услови за иновации станува еден од најважните предуслови за долгорочен развој. Токму затоа, воспоставувањето на Националниот центар за вештачка интелигенција претставува значаен чекор кој е далеку над рамките на еден поединечен проект – рече Мицкоски.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, денеска на промоцијата на Везилка истакна дека со Везилка – Националната фабрика за вештачка интелигенција започнува процес што ќе трае со години и ќе остави траен белег врз нашата економија, наука и општество.

-И затоа нашата цел е јасна – да изградиме Македонија која не ја следи технолошката иднина, туку активно учествува во нејзиното создавање, рече Андоновски.

Me Vezilkën – fabrikën kombëtare të inteligjencës artificiale, sot po fillojmë një proces që do të zgjasë me vite dhe do të lërë gjurmë në ekonominë, shkencën dhe shoqërinë tonë. Dhe për këtë

Според него, проектот е една од најзначајните инвестиции во развојот на националниот капацитет за вештачка интелигенција и него државата станува дел од најамбициозната европска иницијатива во областа на ВИ. Избран е за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, како дел од европската мрежа на AI-factory antennas. Негов носител е ФИНКИ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а Министерството за дигитална трансформација е главен институционален партнер.

Нашата визија, рече Андоновски, е вештачката интелигенција да стане алатка во служба на поефикасна администрација, поголема транспарентност, подобро планирање и поквалитетни услуги за граѓаните. На ваков начин, додаде тој, се поставува темел на нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој.

-Како што везилка во македонската традиција ги вплетува нишките во една целина, така и овој проект ги поврзува науката, технологијата, институциите, бизнисот и младите таленти во заедничка визија за иднината. Визија во која нашата држава не е само корисник на новите технологии, туку нивен активен создавач. И тоа не како ад-хок проект кој ќе се заборави по неколку денови, туку како системска трансформација – рече Андоновски.

Преку „Везилка“, посочи министерот, ќе добиеме директен пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на модели на вештачка интелигенција. Ова, според него, значи дека нашите истражувачи, компании, стартапи, институции ќе можат да работат со инфраструктура која до вчера била достапна само за најразвиените европски центри.

  • „Везилка“ не е проект за компјутери. Везилка е проект за луѓе. За студентите кои денес се во амфитеатрите, утре ќе бидат инженери и научници. Стартапите кои денес имаат идеја, а утре ќе создаваат глобални решенија. Институциите кои треба да станат поефикасни, компаниите кои треба да станат поконкурентни, но првенствено граѓаните кои треба да добијат подобри услуги. Затоа, проектот е насочен кон области кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот: здравство, енергетика, земјоделство, јазик и култура, рече Андоновски.

Потенцираше дека развојот на македонски јазични модели е поставен како еден од приоритетите на проектот.

Во ерата на вештачка интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик, како еден од јазиците со најмал број говорители во светот, станува прашање на зачувување на македонскиот културен идентитет. Нашата цел е македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во идните генерации на системи на вештачка интелигенција. И со Везилка започнуваме тоа да го постигнуваме – рече Андоновски.

Евроамбасадорот Михалис Рокас смета дека денешниот настан е многу повеќе од инаугурација на уште еден проект финансиран од ЕУ и оти станува збор за поврзување на Северна Македонија со една од најамбициозните технолошки иницијативи некогаш преземени од Унијата.

-Станува збор за осигурување дека иновациите, знаењето и талентот развиени овде ќе станат дел од поширокиот европски екосистем кој ја обликува иднината на вештачката интелигенција. ​Вештачката интелигенција брзо ги трансформира нашите економии и општества. Таа го менува начинот на кој работиме, како учиме, како обезбедуваме здравствена заштита, како управуваме со енергетските системи, како ги поддржуваме бизнисите и како ги обезбедуваме јавните услуги. Прашањето пред нас веќе не е дали вештачката интелигенција ќе ја обликува иднината. Прашањето е како да осигуриме дека оваа иднина е иновативна, конкурентна, инклузивна и доверлива. ​Европската Унија ја има својата визија. Нашата ЕУ визија е целосна. Вештачката интелигенција треба да го подобри животот на луѓето. Треба да ја зајакне конкурентноста, да ги подобри јавните услуги, да ја поддржи здравствената заштита, да ја забрза зелената транзиција и да го прошири пристапот до знаење и можности – рече Рокас.

Според него, за да ја претвори оваа визија во реалност, ЕУ инвестира во инфраструктурата и иновациите за вештачка интелигенција.

-Преку иницијативата Фабрики за вештачка интелигенција (AI Factories), Европа создава мрежа од капацитети од светска класа кои на едно место ги здружуваат компјутерската моќ, податоците, талентот, истражувачките институции, стартапите, индустријата и јавните власти. Денес, 19 фабрики за вештачка интелигенција и 13 антени за вештачка интелигенција помагаат во изградбата на вистински меѓусебно поврзан европски екосистем за вештачка интелигенција. ​Преку Заедничкото претпријатие за европско компјутерско работење со високи перформанси (EuroHPC), Европа инвестира милијарди евра во напредна суперкомпјутерска инфраструктура, додека иницијативата „Инвест АИ“ (Invest AI) има за цел да мобилизира до 200 милијарди евра јавни и приватни инвестиции за поддршка на развојот на доверлива вештачка интелигенција. ​Ова не е едноставно само прашање за технологијата. Станува збор за идната конкурентност на Европа и нејзината стратешка автономија. Станува збор за осигурување дека иновациите му служат на општеството и дека придобивките од вештачката интелигенција се широко и еднакво споделени. ​И ова е токму причината зошто „Везилка“ ја претставува портата на Северна Македонија во овој екосистем на вештачка интелигенција, истакна евроамбасадорот во обраќањето.

„Везилка“, појасни ќе служи како национален центар за иновации во вештачката интелигенција, истражување, развој на вештини и усвојување на технологии.

-Нејзините амбиции се и практични и трансформативни. Во здравството, таа ќе поддржи напредна дијагностика и персонализирана медицинска нега. Во енергетиката, ќе придонесе за попаметни мрежи, интеграција на обновливите извори на енергија и предвидливо одржување. Во земјоделството, ќе им помогне на земјоделците да носат подобри одлуки и да ја подобрат одржливоста. Во јавната администрација, ќе ги зајакне дигиталните јавни услуги и ќе ја подобри ефикасноста како за граѓаните, така и за бизнисите. Исто така, во културата и јазикот, ќе помогне во развојот на јазичните модели за вештачка интелигенција, притоа придонесувајќи за зачувување и промоција на богатото културно наследство на земјата, рече Рокас.

Професорот Димитар Трајанов кој е раководител на проектот потврди дека петте области ќе бидат во фокусот на Везилка, но оти една од најзначајните работи ќе биде градењето на модели за вештачка интелигенција коишто ќе бидат базирани на македонски јазик.

  • Ова е посебно битно парче од проектот бидејќи за да можеме да ги покриеме сите останати, за да имате модел којшто добро работи во јавна администрација, тој модел мора да го знае македонскиот јазик, да ги знае локалните закони, да ги знае локалните прописи за да може добро да одговори на прашања. Идејата е да вложиме напор ова да го направиме. И ова е место ова е почетокот со којшто сакаме да почнеме. Во оваа насока веќе имаме почетни иницијативи. Прво треба да го решиме главниот проблем што овде количеството на дигитални податоци на македонски јазик е многу, многу мало. И мораме да направиме заеднички напор сите заедно да тоа го подигнеме на едно сосема соодветно ниво. И Везилка тука ќе ја игра централната улога да тоа целото го направи – рече професорот.

Бенефитите од проектот, според него, се прво да се придонесе за економски импакт во државата и второ да го зголеми „талент пулот“ во државата.

-Значи, тие се двете работи по коишто на крај ќе процениме дали проектот бил успешен. Колку сме ја подобриле економијата, колку АИ таленти сме направиле. Во таа насока проектот нуди сервиси за малите и средни компании и стартапи, тоа е еден од главните фокуси коишто ги имаме во проектот, на коишто ќе им понудиме пристап до хардверски ресурси, менторство, а, а, понатаму помош при податочни, легални работи поврзани со како и што да користат во од вештачка интелигенција. И вториот фокус е талентот, односно како да го подобриме а, како да го подобриме знаењето за вештачка интелигенција во нашата држава. Тука имаме прилично амбициозен план да опфатиме огромен број на студенти. А, ФИНКИ веќе ја врши трансформација на своите програми да бидат комплетно околу вештачка интелигенција – истакна тој.

Според него, проектот треба да ја подготви државата за тоа што допрва доаѓа со развојот на вештачката интелеганција.

-Не е толку битно какви се вештините на луѓето коишто ги имате. Тука е најбитно каква е организацијата, дали организацијата поддржува да ви имплементира вештачка интелигенција. Така да она што е битно моментално е да зборуваме за тоа и да помогнеме на организациите, на државните институции, на компаниите да го сменат начинот на којшто тие внатрешно се организирани, да го сменат пристапот и погледот кон новите технологии. А новите технологии ни се допаѓале или не, се тука. Значи вештачката интелигенција немаш да стиснеме копче и да ја снема. Луѓето коишто користат вештачка интелигенција се драстично попродуктивни и таа ќе остане. А тоа веќе значи нема да луѓето нема да ги смени вештачката интелигенција, ќе ги смени луѓе коишто користат вештачка интелигенција. Во таа насока мораме ние да бидеме организирани и да го прифатиме предизвикот, реле Трајанов.

Овој предизвик, како што истакна, за мала нација како што сме ние, е голем, меѓутоа е и нова можност.

-Сите почнуваме од едно исто рамниште, колку и како ќе успееме ние во таа трка да излеземе напред зависи само од нас. Тоа е поврзано само со нашата желба да се организираме и да бидеме агилни во тој процес – рече професорот.

„Везилка“ е воспоставена во рамки на Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU – European High Performance Computing Joint Undertaking) и кофинансирана од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.

Проектот, кој го реализира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во партнерство со Министерството за дигитална трансформација, има вкупен буџет од околу 6,2 милиони евра. Од нив, приближно 3,1 милиони евра се обезбедени како грант од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата EuroHPC, додека останатите средства се кофинансирани од државата, Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ-УКИМ. Проектот е планиран да се реализира во период од три години.

На промоцијата беше истакнато дека „Везилка“ не претставува самостојна „фабрика за вештачка интелигенција“, туку таканаречена „АИ антена“ – национален центар поврзан со европската АИ фабрика „Фарос“ во Грција. Преку ова партнерство, македонските истражувачи, стартапи, компании и јавни институции ќе добијат пристап до европски суперкомпјутерски капацитети, вклучително и суперкомпјутерот „Даедалус“, како и до напредни бази на податоци и специјализирани алатки за развој на модели со вештачка интелигенција.

Ad
Ad