Вести
МП: Дигитална трансформација на системот за бесплатна правна помош
Министерот за правда Игор Филков и раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Олег Солдатов потпишаа договор за поддршка на изработката на нов софтвер за бесплатна правна помош, кој, како што информираат од Министерството, ќе овозможи поефикасно и поквалитетно управување со целиот процес.
-Со воведувањето на дигитално решение, постапките ќе станат побрзи, поедноставни и потранспарентни. Софтверот ќе овозможи ефикасно управување со предметите, побрза обработка на барањата и подобра координација помеѓу сите институции и даватели на бесплатна правна помош – информираат од Министерството за правда.
За граѓаните, ова значи полесен пристап до услугите, поголема достапност на информациите и поедноставено остварување на правото на бесплатна правна помош. На овој начин, посочуваат од МП, се зајакнува пристапот до правда и се обезбедува подобра заштита на правата на сите граѓани.
Оваа активност, информираат од Министерството за правда, е реализирана со поддршка на Советот на Европа, и претставува значаен исчекор кон современ, ефикасен и дигитализиран систем на бесплатна правна помош во Република Северна Македонија.
јуни 25, 2026


