Connect with us

Вести

Во Тетово се менувале имиња на улици без барање и согласност од Владата

По интерес на повеќе медиуми во врска со два предмета, Уставниот суд информира:

На 17.06.2026 година, Уставниот суд ја укина Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година.

Во текот на постапката, поради недоставување на документацијата во целост, Судот во четири наврати побара од Општина Тетово да се достави целокупната документација којашто претходела на донесувањето на оспорената одлука. Но, од страна на Општината не беше доставена ниту согласноста ниту барањето за согласност кое било испратено до Владата, туку Листата на имиња на улици и плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово донесена на 30.11.2006 година.

Понатаму, Уставниот суд во три наврати побара од Владата да ја достави бараната согласност, но истата не беше доставена.

Следствено на ова, од увидот во доставената документација се утврди дека Општина Тетово нема доставено барање до Владата за издавање на потребна согласност, ниту акт со кој Владата дала согласност за Листата, согласно член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, поради што Судот утврди дека овој законски услов не е исполнет.

Согласно член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, за донесување одлука за промена на имињата е потребна претходна согласност од Владата.

Со донесувањето на Одлуката без потребната согласност од Владата, Општина Тетово го повредила начелото на владеење на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Ad
Ad