Вести
Конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ – Дијалогот не е избор, туку неопходност да се обезбеди мир
Денес, дијалогот не е избор. Тој е неопходност за да се обезбеди мир, кој пак, не е состојба што еднаш засекогаш се постигнува. Мирот е процес на постојано градење доверба. Не постои траен мир без разбирање. Не постои разбирање без разговор. И не постои вистински разговор без подготвеност да се слушне другиот. Мирот и единството се аспирации кои ги надминуваат националните граници, затоа треба да се работи заедно за да се претвори дијалогот во разбирање, да се поттикне повеќе соработка и да се внесеме повеќе виталност за траен мир и заеднички просперитет.
Ова се дел од пораките испратени на отворањето на меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ што денеска и утре се одржува во Скопје, а на која учествуваат поранеши шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија. Во фокусот на конференцијата се актуелните глобални предизвици и можностите за унапредување на меѓународната соработка, дијалогот и мирот.
Обраќајќи се на отворањето на конференцијата поранешниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов, истакна дека на минатогодишната конференција, одржана кога се одбележуваа 80 години од крајот на Втората светска војнам, или осум децении од денот кога човештвото рече „никогаш повеќе“ и кога, по најголемиот конфликт во историјата, беше поставен темелот за нов свет — свет на мир, демократија, човекови права и економски просперитет за сите. констатирале дека денешниот свет се соочува со поликриза — не само како криза на системите, туку и како криза на значењата, како и оти тоа не е променето ниту сега.
-Светската академија на науките и уметностите неодамна ова го дефинираше како когнитивен интеррегнум. Тоа е сигнал дека старите парадигми се исцрпени; дека доминантниот светоглед не само што сè потешко нуди решенија, туку и самиот создава нови проблеми.Се чувствува недоверба, замор, па и отпор кон западната визија за светот. Но токму во тој вакуум се појавуваат нови идеи, нови мислители и нови движења. И од Западот, и од незападниот свет, сè појасно се слушаат гласови кои бараат порамноправен, поетички и поинклузивен свет, рече Иванов.
Најави дека затоа, на конференцијата ќе се разговара за мирот и безбедноста, за економскиот развој и поврзаноста, за цивилизациите и културната размена, за вештачката интелигенција и човечкиот потенцијал, како и за улогата на младите во свет кој брзо и длабоко се менува. Тоа, рече, не се прашања кои ги засегаат само владите и институциите, туку иднината на сите нас.
-Живееме во време кога се менуваат самите темели на меѓународниот поредок. Се менува распределбата на економската и политичката моќ. Се појавуваат нови центри на развој и влијание. Технолошката револуција го менува секој аспект од нашето живеење. Светот влегува во нова епоха, но сè уште не е јасно каква ќе биде нејзината архитектура. Прашањето повеќе не е дали доаѓа нов свет. Прашањето е каков ќе биде тој свет. Зад многу од денешните конфликти се крие подлабока криза — кризата на довербата. Недоверба меѓу државите. Недоверба меѓу народите. Недоверба кон институциите. Недоверба кон самата идеја за заедничка иднина. Во време кога светот располага со повеќе средства за комуникација од кога било претходно, сè потешко се разбираме едни со други. Затоа, денес, дијалогот не е избор. Тој е неопходност. Мирот не е состојба што еднаш засекогаш се постигнува. Мирот е процес на постојано градење доверба. Не постои траен мир без разбирање. Не постои разбирање без разговор. И не постои вистински разговор без подготвеност да се слушне другиот, рече Иванов.
Додаде дека кога престанува дијалогот, започнуваат поделбите, а кога започнува дијалогот, се отвора можност за заедничка иднина.
Иванов потенцира дека демократијата се соочува со поларизација, технолошка манипулација, алгоритамски затворени простори и длабока криза на довербата во институциите, оти економијата се соочува со растечка нееднаквост, доминација на технолошки гиганти, концентрација на моќ и еколошки кризи. Мора, смета тој, да се води сметка да не се дозволи ниедна власт да не стане премногу силна, а секоја моќ да биде ограничена со одговорност.
-Убеден сум дека оваа конференција ќе понуди нови идеи, нови перспективи и нови пријателства. Верувам дека ќе придонесе за нови партнерства, нови иницијативи и нови облици на соработка. И уште поважно, верувам дека ќе потврди дека и во време на големи разлики, луѓето сè уште можат да седнат на иста маса, да разговараат и заеднички да бараат решенија. Вредноста на оваа конференција нема да биде само во кажаното, туку и во создадените врски, новите партнерства и меѓусебното разбирање. Историјата нè учи дека цивилизациите не пропаѓаат тогаш кога ќе ја изгубат моќта. Тие пропаѓаат тогаш кога ќе ја изгубат способноста да слушаат. Затоа денес, од Скопје, испраќаме едноставна, но силна порака дека мирот започнува со дијалог, развојот се гради преку соработка, дека единството започнува со меѓусебно почитување, а иднината им припаѓа на оние кои имаат храброст да разговараат, да соработуваат и да градат заедно, потенцира поранешниот македонски претседател Иванов.
На отворањето на меѓународната конференција се обрати и вицепремиерот Љупчо Димовски кој рече дека во време на глобални неизвесности, овој собир ја афирмира силата на разбирањето, довербата, соработката и заедничката одговорност во градењето помирен и постабилен свет. Тоа, нагласи, ни е повеќе од потребно наспроти длабоките глобални промени, технолошкиот напредок, но и социјалните, политичките и економските поларизации.
Вели дека живееме во време на воени конфликти, кај нас повторени и незавршени балкански премрежија, економски и енергетски предизвици, миграциски движења и технолошки трансформации што брзо ги менуваат меѓународните односи, и оти во такви околности, дијалогот повеќе не е само дипломатска алатка, туку морална и политичка неопходност.
-Во современиот свет, каде што глобализацијата и дигиталната револуција носат нови искушенија, тој е еден од најмоќните инструменти за градење разбирање и одржување на мирот. Темата за единство и соживот денес не е само филозофска расправа, туку фундаментална безбедносна и социјална потреба. Историјата покажува дека трајниот мир започнува со подготвеноста да се слушне другиот. Денес, повеќе од осум децении по завршувањето на Втората светска војна, повторно се соочуваме со прашањето дали разликите ќе станат причина за нови поделби или извор на заемно почитување и напредок. Истовремено, мирот не е само отсуство на војна, туку активен процес на градење мостови, каде што отворениот разговор е основното средство за постигнување вистинско единство меѓу различните заедници и култури, рече Димовски.
Според него, секој дијалог за мир мора да започнува со учење од историските грешки. Преку паметењето на причините за минатите конфликти, поделби и страдања, треба, вели, да учиме како да не ги повториме истите пропусти во иднина.
-Секој поединец, институција и држава има одговорност да придонесе кон оваа кауза. Градењето мир е процес што трае, но со искрен пристап можеме да ја обликуваме иднината врз основа на соработка, стабилност и просперитет. Затоа, „Дијалогот за единство и мир“ е повеќе од обична конференција. Тој е платформа на надежта – простор каде што политиката се среќава со мудроста, дипломатијата со визијата, а искуството со енергијата на новите генерации. Мирот не се наследува, туку постојано се создава; довербата не се подразбира, туку се гради. А тој процес бара синергија помеѓу искуството на постарите и креативноста на младите, рече вицепремиерот.
Додаде дека особено значајно е што оваа конференција се одржува во Македонија – земја која низ вековите била место на средба на цивилизации, култури, религии и традиции.
-Нашата историја нè учи дека силата произлегува од способноста да се живее заедно. Единството не значи едноличност или бришење на културниот, религиозниот или етничкиот идентитет. Вистинското единство лежи во почитувањето на различностите и нивно претворање во заедничка предност, нагласи Димовски во обраќањето.
Народите што градат мостови, дециден е тој, ја градат и иднината.
-Денес од Скопје испраќаме јасна порака: мирот е можен, дијалогот е неопходен, а иднината им припаѓа на оние што избираат да ги поврзуваат луѓето, народите и државите. Да изградиме мостови на разбирање денес, за да обезбедиме мир и единство за генерациите што доаѓаат, рече Димовски во обраќањето на конференцијата.
Кинеската амбасадорка Џианг Сјаојан, рече дека мирот и единството се тема која не би можела да биде порелевантна во време кога, како што нагласи, нашиот свет се соочува со растечки поделби, конфронтации и неизвесност.
-Мирот и единството се аспирации кои ги надминуваат националните граници. Мирот е како воздухот и сончевата светлина, како што сакаме да кажеме во Кина. Ние имаме придобивки секој ден, без воопшто да го забележиме тоа, но сепак не можеме да живееме без него. Единството е како факел за нас, кој го осветлува патот пред нас и нè води низ предизвиците, а дијалогот помага да се зближат луѓето, да се премостат разликите и да се најде заеднички јазик, рече таа.
Потсети дека неодамна, светот го прослави Меѓународниот ден за дијалог меѓу цивилизациите, што, како што рече, е заедничка иницијатива на Кина и земјите со слични размислувања во светот.
-Неговата порака е гласна и јасна: „Да ги здружиме рацете за да бараме и да создадеме мир“. Кина отсекогаш била силен поборник за мир, развој и соработка. Тоа е вградено во нашата ДНК на кинеската нација, запишано во нашиот Устав и посведочено со нашите дејства. Мирот е вредност во Кина. Кинеската цивилизација долго време ги прифаќа принципите на мир и хармонија. Во историјата, Кина со векови била една од главните светски сили, но сепак никогаш не колонизирала ниту една друга земја, ниту пак ја одзела туѓата земја со сила. Кога г-дин Џенг Хе, кинескиот Колумбо, голем морепловец, отпловил кон Запад, тој тргувал праведно со зачини, накит, свила, чај и порцелан од Кина. Тој донел добра волја за мир и пријателство, наместо да се наметнува со оружје или барут. Од основањето на Народна Република Кина во 1949 година, Кина никогаш нема започнато војна или конфликт, ниту пак зазела ниту една педа од странска територија. Кина е единствената земја што ја има запишано својата посветеност за мирен развој во својот Устав, а владејачката партија ја има запишано во својата политичка платформа, рече амбасадорката.
Кина, нагласи таа, е исто така единствената нуклеарна држава која ветила дека нема прва да употреби нуклеарно оружје.
Во соочувањето со глобалните предизвици и кризи, според неа, ниту една земја не може да успее сама и затоа смета дека е потребен дијалог, разбирање и соработка за градење на заедница со заедничка иднина за човештвото.
Вели дека Кина е подготвена да поттикне синергија со земјите од Централна и Источна Европа за да ја поддржиме отвореноста и соработката, да ја продлабочиме поврзаноста, да промовира одржлив и иновативен развој и да ја засили размената меѓу луѓето и меѓусебното разбирање.
-Верувам дека заедно можеме да испорачаме подобри придобивки за нашите народи и да придонесеме повеќе за глобалната солидарност, соработка и мир. Да работиме заедно за да го претвориме дијалогот во разбирање, да поттикнеме повеќе соработка и да внесеме повеќе виталност за траен мир и заеднички просперитет, рече Сиаојан.
На првиот панел на конференцијата „Предизвиците за меѓународниот мир, безбедноста и владеењето на правото“, како што е најавено, заедно со поранешниот претседател Ѓорге Иванов, учествуваат шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО и поранешен министер за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации и поранешен министер за надворешни работи на Република Србија, Вук Јеремиќ, поранешниот министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Миро Ковач, и Ерик Ли, претседател на Центарот за Кина и глобализација, основач и претседател на Chengwei Capital, основач на Клубот Пекинг за меѓународен дијалог, политиколог и еден од најистакнатите кинески аналитичари за меѓународни односи, како и претседателот на извршниот одбор на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, Иван Иванов.
Бројни професори, дипломати, истражувачи и претставници на академската, дипломатската и деловната заедница од Европа и Азија ќе земат учество на повеќе панели, посветени на економскиот развој и регионалната поврзаност и соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, како и иднината на цивилизацискиот дијалог и културната размена, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, креативноста и човечкиот потенцијал, како и улогата на младите во свет на промени и неизвесност.
јуни 24, 2026

