Регион
Косовската полиција заплени оружје и муниција на три локации во Зубин Поток
Косовската полиција соопшти дека открила и запленила оружје, муниција и друга опрема на три одвоени локации во општината Зубин Поток во северно Косово, јави Косовската радио-телевизија (РТК).
Во 24-часовниот полициски билтен се наведува дека во земјоделски објект што се користел за исхрана на добиток вчера биле пронајдени едно огнено оружје, пет рамки за долгоцевно оружје со вкупно 151 куршум, делови од маскирна униформа и рачни светилки.
Во вториот случај, во сличен објект во истата општина, полицијата пронашла и запленила едно огнено оружје со 74 куршуми, како и дополнителни 254 куршуми за долгоцевно оружје.
Третата локација, според полицискиот билтен, била ненаселена зграда, каде што припадниците на полицијата пронашле пушка со бајонет и 11 куршуми за неа, како и 33 куршуми за долгоцевно оружје, две преси за полнење ловечка муниција, близу 200 грама барут и околу два килограма сачми за полнење патрони.
Од косовската полиција соопштија дека сите материјални докази се запленети, а надлежните полициски единици ја продолжуваат истрагата за случаите.
јуни 23, 2026

