Connect with us

Регион

Герапетритис: ЕУ перспективата на Западен Балкан високо на агендата на грчкото претседателство следната година

Интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија се наоѓа високо на агендата на грчкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година и ќе работиме напорно за да се постигнат конкретни резултати до крајот на нашиот мандат, порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со шефот на босанската дипломатија Елмедин Конаковиќ во Сараево, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис детално говореше за европската перспектива на Западен Балкан, посочи дека регионот има огромно геополитичко значење, бидејќи се наоѓа на крстопат меѓу Централна Европа и Источен Медитеран, а важноста на оваа стратешка позиција „станува уште поочигледна во денешната меѓународна геополитичка средина, што се карактеризира со неизвесност, нестабилност, недостиг на предвидливост и нарушена доверба во меѓународните институции“.

– Време е земјите од регионот да одговорат на околностите и да го искористат потенцијалот што го поседува регионот како простор на мир и просперитет, но и како регион од особено значење за безбедноста на Европа. Постигнувањето на оваа цел е неразделно поврзано со патот на регионот кон членство во Европската Унија, порача Герапетритис.

Тој уште еднаш ја повтори грчката поддршка за европската перспектива на регионот, објаснувајќи дека патот до членство се базира на исполнување на критериумите, како и на почитување на европското законодавство, принципите на владеење на правото, меѓународното право и добрососедските однос

– Цврсто веруваме дека проширувањето на ЕУ треба да ја врати динамиката и кредибилитетот. Процесот на проширување одново стана главен европски приоритети, а тоа е во интерес како на Западен Балкан, така и на самата Европа, рече шефот на грчката дипломатија.

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ му се заблагодари на Герапетритис за грчката поддршка, посочи дека двете земји немаат отворени прашања, но и нагласи дека постои значаен простор за јакнење на економската соработка.

Паралелно, разговарале и за енергетиката, но и за директната авионска линија Сараево – Атина што одново ќе се воспостави во октомври. 

Ad
Ad