Политика
Мицкоски: Слободата на Македонија била обединувачка алка на револуционерите Делчев, Груев, Сандански
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес од Струмица по повод 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој се одбележува во градскиот стадион под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, во своето обраќање, зборувајќи и за историјата на Македонската револуционерна организација, посочи дека во период од околу четири децении ВМРО поминала низ три фази на своето револуционерно дејствување и постоење.
„Првата фаза, од основањето 1893 година до 1905 година била времето на подемот и единството на Организацијата, кога таа во своите редови ги обединила македонските револуционери со различни идеолошки гледишта и ставови кои воопшто не биле доминантни во споредба со идејата за создавање на автономна Македонија. Слободата на Македонија била обединувачката алка за сите револуционери, а авторитетите на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Христо Татарчев биле поттикнувачки фактор за масовноста на ВМРО и нејзиното ширење на целата територија на Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека освен Македонци, во ВМРО се зачленувале и луѓе од други народи кои ја прифатиле идејата на Организацијата за создавање на автономна македонска држава.
„Втората фаза во историјатот на ВМРО, од Рилскиот конгрес до завршување на Првата светска војна во 1918 година е период на внатрешни поделби, непријателства, но и дилеми по кој пат да тргне Организацијата. Состојбите се влошувале и заради балканските пропаганди кои се заканувале да дејствуваат погубно врз постоењето на ВМРО. Се создале два спротивставени табори во организационите редови: на едната страна Јане Сандански и Димо Хаџи Димов кои се залагале за децентрализација на ВМРО и постепена преобразба за време на Младотурската револуција во легален политички субјект, а на другата страна Христо Матов и Тодор Александров со своите приврзаници кои барале да се продолжи со оружената револуционерна борба со цврста централизираност во внатрешната поставеност на Организацијата“, истакна претседателот Мицкоски.
И покрај поделбата на две теченија, рече Мицкоски, расправиите и фракционерските борби и создавањето на неколку различни организации и една политичка партија кои произлегле од самата ВМРО, без разлика на полемиките и различните мислења во македонската историографија, останува фактот дека и во тие тешки времиња Организацијата опстанала на историската сцена и под нејзиното име продолжила да дејствува и во времето до завршувањето на Првата светска војна.
„Третата фаза на дејствувањето на ВМРО е временски најдолга, од 1919 година до расформирањето на ВМРО на 19 мај 1934 година. Крајот на Првата светска војна и разочарувањето на македонскиот народ од решенијата во Версај, повторно ја воскреснале идејата за создавање на автономна или независна Македонија, а од пепелта на разорните борбени дејствија на македонско тло, комитите и војводите, старите илинденци, но и новите генерации на револуционери повторно го развеале црвено-црното знаме на ВМРО. Под тоа знаме, и за тоа знаме гинеле многу комити и војводи“, порача Мицкоски во своето обраќање од Струмица.
јуни 18, 2026

