Connect with us

Регион

Христодулидис: Западен Балкан е нераскинлив дел од Европа

Западен Балкан е нераскинлив дел од Европа, истакна кипарскиот претседател Никос Христодулидис за време  на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, додавајќи дека Кипар, како за време на претседателството со Унијата, така и по завршувањето, ќе биде силен глас за поврзување на ЕУ со регионот, информираше директорот на прес-службата на кипарскиот претседател Виктор Пападопулос, јави дописничката на МИА од Атина

Во писмената изјава, Пападопулос посочи дека Христодулидис за време на учеството на Самитот се осврнал на актуелното претседателство на Кипар со ЕУ во однос на унапредувањето на европската перспектива на Западен Балкан, „истакнувајќи ја потребата партнерите од Западен Балкан да продолжат да ги исполнуваат своите обврски во однос на реформите и усогласувањето со принципите и вредностите на ЕУ“.

Паралелно ја поздравил вчерашната одлука на Советот на ЕУ за започнување активности за вклучување на земјите од Западен Балкан во роаминг-зоната на земјите членки на ЕУ, како конкретен пример за постепена интеграција во корист на граѓаните и бизнисите во регионот.

При пристигнувањето на Самитот во Тиват, кипарскиот претседател рече дека пораката до земјите кандидати е јасна дека „кога ги исполнуваат своите обврски, ЕУ е тука да одговори“, посочувајќи дека ова е и пораката што ја испраќаат и до Турција.

– Суштинскиот напредок што го видовме во пристапниот процес за време на кипарското претседавање, особено кај земјите од Западен Балкан, испраќа позитивна порака и до народите на овие земји, но и до земјите кои се обидуваат, користејќи го застојот што постоеше во изминатиот период во пристапниот процес на овие држави, да го оддалечат регионот од ЕУ. Западен Балкан припаѓа во Европа и во таа насока особено ми е драго што кипарското претседателство, со своите активности, во продолжение на активностите на земјите кандидати, донесе значајни резултати, рече Христодулидис.

Ad
Ad