Свет
Песков: Русија е отворена за враќање на странските инвестиции и на западните компании
Русија мора да остане отворена за странски инвестиции и е подготвена за евентуалното враќање на западните компании, бидејќи приливот на странски капитал е клучен за развојот на економијата и за зајакнување на пазарната конкуренција, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
На маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Песков нагласи дека секоја економија треба да се стреми кон максимален прилив на странски вложувања за да го поттикне сопствениот раст. Годинашниот форум, кој се етаблира како клучна платформа за економска соработка на постсоветскиот простор уште од своето основање во 1997 година, се одржува под слоганот „Прагматичен дијалог – пат кон стабилна иднина“.
Песков се осврна и на можноста за средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, оценувајќи ја веројатноста за такво нешто во текот на претстојното лето на 50 отсто. Нивната последна средба се одржа во август минатата година на Алјаска, каде што фокусот беше ставен на билатералните односи и на решавањето на воениот конфликт во Украина.
Во однос на европските лидери, портпаролот на Кремљ истакна дека Путин останува отворен за дијалог и за средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Сепак, Песков појасни дека во моментов нема конкретни планови за телефонски разговор меѓу двајцата лидери, додавајќи дека и покрај јавните најави од страна на Макрон, досега во Кремљ не пристигнал официјален повик.
јуни 6, 2026

