Регион
Бегај и Науседа разговараа за зачленувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ и безбедносните прашања во регионот и Европа
На покана на албанскиот претседател Бајрам Бегај денеска во посета на Тирана е претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. Тоа е прва официјална посета на претседател на Литванија на Албанија.
На средбата посебен акцент е ставен на интензивирањето на односите меѓу двете земји во повеќе области, членството на Албанија и Западен Балкан во Европската Унија, безбедносните прашања во регионот и Европа, како и зајакнувањето на партнерството како членки на НАТО.
– На средбата беше потврдено дека еден од приоритетите на литванското претседавање со ЕУ, во првата половина од 2027 година, е поддршка на Албанија и проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Исто така беше наведено дека во овој процес на проширување, Албанија и Црна Гора се најблиску до членството, објави АТА.
Бегај нагласил дека членството во ЕУ останува национален приоритет на Албанија, додавајќи дека земјата ќе продолжи со решителност со потребните реформи за напредок кон полноправно членство во Европската Унија.
Тие искажаа ззаеднички став дека меѓу двете земји постојат одлични и пријателски односи, кои се темелат на доверба, солидарност и заедничка евроатлантска визија.
Шефот на албанската држава ја нагласил улогата на Албанија како придонесувач кон безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко, во целосна согласност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како активен учесник во мисиите и операциите на ЕУ, како и во силната поддршка за Украина.
На средбата било потврдено дека Албанија и Литванија, како две членки на НАТО, ја делат истата визија за евроатлантската безбедност.
Двајцата претседатели нагласија дека соочени со зголемените безбедносни предизвици во Европа, единството и солидарноста на Алијансата остануваат од суштинско значење.
Науседа го увери Бегај во поддршката на Албанија како земја домаќин на самитот на НАТО во Тирана во 2027 година.
јуни 5, 2026


