Connect with us

Свет

Метју Меконахи повика на разбивање на двопартискиот систем во САД

Американскиот глумец Метју Меконахи повика на поголема поддршка за независните кандидати во САД, оценувајќи дека тие може да помогнат во надминувањето на доминацијата на Републиканската и Демократската партија. Во шестминутно видео објавено на Инстаграм, 56-годишниот актер порача дека независните кандидати на меѓуизборите (на средина од мандатот), оваа 2026 година и на следните избори би можеле трајно да ги држат двете партии одговорни за своите постапки.

-Денес не сум овде за да поддржам некој кандидат или партија, рече Меконахи, додавајќи дека сепак, поддржува две работи: правичност и реалност. Видете, јас верувам во фер борба, а фер не значи само двајца борачи кои 50 години си разменуваат исти удари. Фер борба е кога борачите што треба да бидат застапени во борбата, навистина се дел од неа. Вистината е дека не знаеме колку независни гласачи би гласале за вистински независен кандидат – некој кој не е организиран, финансиран или контролиран од ниту една од страните – бидејќи никој досега не ни понудил таков, рече глумецот.

Според него, независните претставници би можеле да имаат значајна улога во Конгресот, особено ако силите меѓу двете главни партии се изедначени. На тој начин, републиканците и демократите би биле принудени да се натпреваруваат за поддршката на умерените гласачи, наместо да ги туркаат законските решенија кон спротивставените политички крајности.

– Реалноста е дека претстојат меѓуизбори, а овој ноември, на повеќе места од кога било, имате повеќе од два избора. И, не ви кажувам за кого да гласате. Ви велам: Погледнете ги гласачките ливчиња, информирајте се и проверете дали тие ве претставуваат вас и она во што верувате, нагласи Меконахи.

Актерот се осврна и на Независниот совет за лидерство (Independent Leadership Council), организација основана од поранешниот сенатор Џо Манчин и неговата ќерка, чија цел е поддршка на независните кандидати за Конгресот. Меконахи појасни дека не ја поддржува директно организацијата, туку идејата на гласачите да им се понуди поголем избор. Неговата порака наиде на позитивни реакции, но и на критики од оние кои сметаат дека поддршката за независни кандидати може да ги намали шансите на едната од двете големи партии.

Метју Меконахи себеси се опишува како „изразено центристички“ ориентиран, а не ја исклучува можноста во иднина да влезе во политиката. Во 2021 година најави дека размислува за кандидатура за гувернер на американската сојузна држава Тексас, но се откажа од учеството на изборите во 2022 година. Во интервју за списанието „Пипл (People)“ лани изјави дека политичкото делување можеби ќе почека додека неговите три деца не пораснат. Тој истакна дека засега најважна улога во животот му е да биде татко, но дека „и натаму ја проучува можноста“ за политичка кариера.

Ad
Ad