Свет
Марин Ле Пен се уште води според изборните анкети во Франција
Доколку сега се одржат претседателски избори во Франција, кандидатката на десничарската партија Национален собир Марин Ле Пен, во првиот круг би имала двојно подобар резултат од својот главен конкурент од левичарската партија Непокорена Франција Жан-Лик Меланшон, покажуваат резултати од анкета на институтот Ифоп објавени денеска.
Шест месеци пред првиот круг од изборите, Ле Пен би освоила меѓу 34 и 38 отсто од гласовите, пренесе БФМТВ.
Жан-Лик Меланшон со околу 20 отсто поддршка предничи во однос на Едуар Филип и Рафаел Гликсман, двајцата главни конкуренти во трката за влез во вториот круг. Кандидатот на социјалдемократската опција, Гликсман, ужива поддршка од околу 15 отсто од гласачите, додека Филип го поддржуваат меѓу 12 и 16 отсто од испитаниците.
Во вториот круг, Марин Ле Пен убедливо би победила во дуелот против кандидатот на Непокорена Франција со 68 отсто освоени гласови, покажува анкетата.
Меѓу останатите претседателски кандидати, претседателот на Републиканците Бруно Ретајо, би освоил меѓу пет и седум отсто од гласовите. Градоначалникот на Кан, Давид Лизнар, чија популарност расте во последните недели, има поддршка од околу седум отсто од гласачите. Екологистката Марин Тонделие, според резултатите од најновата анкета, би можела да освои меѓу 2,5 и три отсто од гласовите.
октомври 21, 2026


