Свет
Четиринаесет загинати во несреќа во нелегален рудник за злато во Колумбија
Четиринаесет лица загинаа, а седуммина се повредени при уривање во нелегален рудник за злато во југозападна Колумбија, објавија локалните власти.
Несреќата се случила во руралната област Чамберо, во општината Санта Барбара де Искуанде, во департманот Нарињо.
Операциите за пребарување и спасување се завршени, изјави гувернерот на Нарињо, Луис Алфонсо Ескобар, кој ги повика националната влада, Националната агенција за рударство и Министерството за енергетика и рударство да го забрзаат процесот на легализација на нелегалните рудници, со цел подобрување на условите за работа и безбедносните стандарди.
Во август годинава 13 лица загинаа во слична несреќа во градот Поликарпа, исто така во департманот Нарињо.
Во руралните области на Колумбија широко е распространет нелегалниот и нерегулиран ископ на минерални суровини, при што често недостига соодветна безбедносна инфраструктура, што доведува до чести несреќи со смртни последици.
октомври 21, 2026


