Connect with us

Вести

Тошковски: Интензивно се работи на расчистување на убиството во Чаир, еден од сторителите издржува затворска казна

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во гостувањето на една од националните телевизии, истакна дека интензивно се работи на расчистување на случајот со убиството на 26-годишното момче синоќа во Чаир, нагласувајќи дека МВР има првични информации за сторителите и дека едниот од нив моментално е на издржување казна затвор.

Тошковски нагласи дека се обезбедени соодветни докази и се надева оти најбрзо што може ќе се обезбедат сторителите и ќе бидат предмет на кривичен прогон.

-Во овој момент официјално не би можел да издвојам кои се мотивите. Можам само да истакнам дека интензивно се работи на предметното кривично дело. Министерството за внатрешни работи има првични информации за сторителите. Има обезбедено и соодветни докази во однос на тоа кои се сторителите, така што се надевам дека најбрзо што може ќе ги обезбедиме и тие ќе бидат предмет на кривичен прогон, како што, да речеме, беа и многумина во изминатиот период, а притоа сторија огромен број кривични дела во изминативе години. И сега имаме таков случај – рече Тошковски во врска со вчерашното убиство во Чаир.

Дваесет и шестгодишникот во Чаир беше убиен од двајца напаѓачи со мотоцикл. 

– Во СВР Скопје вчера околу 23:30 часот е пријавено дека во близина на раскрсница помеѓу ул. „Прохор Пчински“ и ул.„Војдан Чернодрински“ во Скопје, додека Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б.(36), Е.Б.(25) и А.М. (26), сите од Скопје стоеле пред излог на фирма, застанал мотоцикл на кој имало две лица, кои пукале со огнено оружје кон групата, по што се дале во бегство. Еден од проектилите го погодил А.М., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде починал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.

Тошковски нагласи дека постои проблем со влијанието на пенитенцијарниот систем, односно со затворите и она што се случува во нив, во градовите и во целата држава, нагласувајќи дека ова било тема и на една конференција на која неодамна учествувал заедно со ОБСЕ и со повеќе странски дипломати во земјава, меѓу кои и американската амбасадорка.

-И сега имаме таков случај. Согласно првичните информации што ги имам, еден од учесниците во рамки на овој кривично-правен настан е лице кое е уапсено од страна на МВР и кое моментално е на издржување казна затвор. Дали било пуштено, ослободено или така натаму, сè уште е рано да навлегуваме во тие детали. МВР, заедно со Јавното обвинителство, целосно ќе ја испита ситуацијата – рече Тошковски.

Во однос на тоа дали станува збор за пресметка меѓу криминални банди или станува збор за индивидуален чин на насилство, министерот за внатрешни работи изјави дека според првичните информации не станува збор за организирана криминална група која се пресметува за превласт на теренот, туку за  некои други причини. Тој додаде дека сè уште во овој момент е рано да се соопштат детали во јавноста и нагласи да се остави истрагата да си ја заврши работата. 

– Кога гледам по социјалните мрежи одредени споредби со Дивиот Запад и така натаму, слободно би можел да кажам дека бројот на кривичните дела што се случуваат, а се од опфатот на групата на насилни кривични дела, особено поврзани со кривични дела сторени од страна на организирани криминални групи, како во градот Скопје, особено во градот Скопје, така и на целокупната територија на Македонија, во споредба со претходно, не може да се спореди, односно и тоа како драстично е намален. Особено Скопјани, оние кои, да речеме, поседуваат локали, оние кои почесто се во рамките на сите оние угостителски објекти, можат да забележат драстична разлика во споредба со пред три години, кога организирани криминални групи буквално хараа низ градот. Но факт е дека сè уште имаме вакви инциденти кои и тоа како се загрижувачки од аспект на безбедноста и од аспект на работата на МВР – рече Тошковски. 

Тој со порака и до сите оние кои се сметаат за недопирливи дека ќе одговараат за своите постапки.

– Можам да им упатам една порака на сите оние кои мислат дека се недопирливи и кои можеби мислат дека можат да хараат низ улиците во Македонија: на истите соодветно ќе им биде одговорено од страна на МВР и максимално брзо ќе бидат спроведени сите оние истражни дејствија што треба да се спроведат. Се надевам дека за максимално краток период ќе бидат обезбедени и изведени пред лицето на правдата. Токму тоа сме го докажале многу пати во овој период од две и пол години. На пример, би можел да издвојам само една акција која беше насочена кон една организирана криминална група. МВР, заедно со ЈО, успеа да расветли седум кривични дела – убиства што се случувале на територијата на Македонија во претходните години. Од нив, за шест беше докажано дека се сторени на територијата на Македонија, а едно беше сторено кај нашиот јужен сосед – рече министерот за внатрешни работи. 

На прашањето да издвои еден настан, кој го смета за позитивен и еден за негативен од осамастојувањето на државата до денес, а по повод утрешното одбележување 35 години независност, Тошковски изјави дека најпозитивен е самиот чин на осамостојување, а најнегативен е промената на уставното име.

– Има многу настани што би можеле да ги подведеме и во едната и во другата група. Еве, како еден од најпозитивните би го издвоил осамостојувањето на Македонија. Конечно, по многу векови, имаме своја сопствена, самостојна и независна држава, од пред 35 години па наваму, не во рамките на одредена федерација, не во рамките на одреден сојуз, туку токму она што го посакувале огромен број генерации, многу генерации од нашите предци. За мене лично, една од најцрните дамки што ќе ми остане запаметена, а е негативна, бидејќи така го поставивте прашањето, е насилната промена на уставното име. Тоа би го издвоил како една од најцрните дамки на поновата македонска историја – истакна Тошковски.