Connect with us

Свет

Протести во Португалија поради рекордно високите цени на бензинот и дизелот

Со новиот бран поскапување на горивата во Португалија цената на дизелот е на рекордно високо ниво, поради што почнаа протести низ целата земја. Зголемувањето на цените трае цела година, а денешното зголемување на цените предизвика блокади и протестни акции.

Возачите протестираа денеска со масовно свирење на мостот „25 април“, клучен за сообраќај што ги поврзува Лисабон и Алмада. Во исто време, на југот од земјата беше организирана протестна колона, која полека се движеше кон рафинеријата на Галп во Синес.

Протестот беше организиран преку социјалните мрежи и апликацијата WhatsApp, а продолжи и попладне без најавен крај.

Локални медиуми јавија дека демонстрантите носеле транспаренти со пораките „Доста со зголемувањето на цените на горивата“ и „Семејствата не можат повеќе да издржат“.

Португалскиот автомобилски клуб (ACP) проценува дека цената на дизелот се зголемила за 15 центи денеска со нова цена од 2,169 евра за литар. Цената на бензинот се зголеми за 12 центи, на 2.142 евра за литар. Тие износи не го вклучуваат намалувањето на данокот на нафтени производи (ISP) што владата го воведе како вонредна мерка. Без ова олеснување, зголемувањето на цената би било уште поголемо, односно дополнителни 12 центи за дизелот и 9 центи за бензинот.

Според пресметките на португалски медиуми тоа е највисоката цена на дизел досега забележана во Португалија. Цената на бензинот е на највисоко ниво од енергетската криза во 2022 година, предизвикана од руската инвазија на Украина.