Connect with us

Вести

Обвинителството уверува дека има докази за „Државна лотарија“, одбраната на Груби тврди дека ќе ја докаже неговата невиност

Обвинителството ќе настојува преку доказите и сведоците да ја докаже злоупотребата на службената положба во предметот за АД „Државна лотарија“, додека одбраната на поранешниот вицепремиер Артан Груби тврди дека тој не сторил никакви противправни дејствија и најавува дека тоа ќе го докажува во текот на постапката. Ова беа главните пораки по денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, кое беше одложено за в петок поради барањето на еден од обвинетите обвинението да му биде доставено на албански јазик.

Јавниот обвинител Даниел Коцев, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека Обвинителството засега нема да ја открива својата стратегија во детали.

– На денешното рочиште, јас го прочитав обвинението. Сите можевте да слушнете што ќе докажуваме. Листата на докази со изведување на секој доказ поединечно ќе имате можност и тоа да го слушнете. Однапред не би откривале ништо која е теоријата во детали на јавното обвинителство, бидејќи одбраната е составена од голем број искусни бранители и не би сакале ние дополнително да им помагаме – изјави Коцев.

Во однос на измената на правната квалификација на делото, тој посочи дека истрагата не обезбедила доволно докази за првичното дело.

– Квалификацијата е променета затоа што не обезбедивме докази со коишто ќе успееме да го докажеме делото проневера. Сметаме дека доказите коишто беа обезбедени во текот на предистрагата и истрагата даваат право на јавното обвинителство да поднесе обвинение за она дело за коешто смета дека треба да биде поднесено делото – рече Коцев.

Осврнувајќи се на реакциите во јавноста откако Груби по враќањето во земјава доби куќен наместо ефективен притвор, Коцев нагласи дека одлуката била донесена врз основа на информации од безбедносните институции.

– До нас стигна информација од МВР, којашто информација многу комплексна содржи и информации коишто ги има добиено АНБ, дека му е загрозена безбедноста. Значи тоа не е информација како што беше пренесувана во јавноста дека не било безбедно во Шутка за Артан Груби, туку тоа е многу комплексна информација која содржи информации за две години наназад – рече обвинителот.

Одбраната на Груби, пак, останува на ставот дека обвинението е неосновано. Адвокатот Гоце Ристовски рече дека во текот на судењето ќе се соочат аргументите на двете страни.

– Во судницата ќе слушнете сведоци, ќе се соочат аргументите на Обвинителството и на одбраната, и ќе можете да видите што е вистина, а што не, како и кои се тезите на одбраната и на Јавното обвинителство – изјави Ристовски.

На прашањето дали располагаат со доволно докази за одбрана на Груби, тој одговори потврдно.

– Цврсто сме убедени дека нашиот клиент е невин и дека не презел никакви противправни дејствија што би претставувале кривично дело. Тоа е нашата позиција и тоа ќе го докажуваме во текот на постапката – рече тој.

Обвинителот Александар Давчевски, оцени дека барањето на обвинетиот Башким Авдиу за писмен превод на обвинението било истакнато во момент што довел до одложување на постапката.

– Реагирав, односно реагираше Обвинителството, во контекст на моментот кога беше истакнато тоа право. Имено, тоа право му беше прочитано и укажано на обвинетиот уште на претходното рочиште, па можеше да се избегне ова одлагање – рече Давчевски.

Тој нагласи дека правото на користење на мајчиниот јазик е неспорно, но изрази очекување одбраната да не бара превод на целокупната документација.

Бранителот на обвинетиот Башким Авдиу, Асмир Алиспахиќ, рече дека неговиот клиент побарал писмен превод на обвинението бидејќи не го разбрал доволно на македонски јазик.

Тој негираше дека со барањето се настојува да се одолговлекува постапката.

– Не дека бараме сите за да го закочиме процесот, туку основните каде што е опишан како субјективно дејствие коешто му се става на товар, за да си ги разбере, за да можеме да продолжиме понатаму нормално –  рече Алиспахиќ.

Во случајот се обвинети поранешниот вицепремиер Артан Груби, екс-директорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кому му се суди во отсуство, како и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу. Освен Авдиу кој побара превод на обвинението и Бајрами кој е недостапен на органите на прогон, сите обвинети се изјаснија за невини.

Според обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а Обвинителството најави изведување на 231 материјален доказ, вештачења и сослушување на седум сведоци.

Судењето беше одложено откако обвинетиот Авдиу побара обвинението да му биде доставено на албански јазик, по што судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски го презакажа рочиштето за в петок.

Груби, кој по повеќе од 14 месеци беше недостапен за органите на прогонот, беше уапсен на граничниот премин Блаце во февруари годинава, по што наместо претходно определениот притвор му беше изречена мерка куќен притвор.