Connect with us

Регион

Сорека: БиХ заостанува во процесот на пристапување кон ЕУ

Шефот на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Босна и Херцеговина (БиХ), Луиџи Сорека, денеска во Сараево изјави дека БиХ заостанува во процесот на пристапување кон ЕУ и дека земјата сè уште не ја завршила ратификацијата на договорот со кој би се овозможило реформската агенда да стане реалност и преку Планот за раст за Западен Балкан да им донесе конкретни придобивки на граѓаните.

Сорека, кој ја отвори Сараевската безбедносна конференција 2026 на тема „Безбедноста на Европа во поделен свет“, оцени дека оваа година е рекордна за процесот на пристапување, но нагласи дека БиХ не го следи ритамот на другите земји од регионот.

– Додека Црна Гора и Албанија со големи чекори ги затвораат преговарачките поглавја, а ЕУ за проширувањето издвојува дури 42,6 милијарди евра во следниот буџетски период, Босна и Херцеговина заостанува – оцени тој.

Шефот на Делегацијата на ЕУ истакна дека некои земји во регионот остваруваат исклучителен напредок користејќи ги алатките на Планот за раст, додека БиХ ги блокира конкретните придобивки за сопствените граѓани. Потсетувајќи на неодамнешните зборови на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, дека во денешниот свет „правилата се фрлени низ прозорецот“, Сорека додаде дека и покрај тоа ЕУ останува доследен партнер во зачувувањето на меѓународното право и дека никому нема да му биде дозволено да ја избегне правдата.

– Кандидатките за членство им должат на своите граѓани спроведување на неопходните реформи. Нашата долгорочна цел е да избереме мир, стабилност и безбедност и токму таа цел го определува правецот на нашето дејствување, не во далечна иднина, туку денес“- нагласи тој.

Во својот говор, Сорека се осврна и на военото јакнење на ЕУ, предупредувајќи дека војната на прагот на Европа, нестабилноста на Блискиот Исток и промените во американскиот пристап го принудуваат Стариот континент повеќе да се потпира на сопствените сили. Според него, Европа презема стратешка одговорност за сопствената одбрана, што го потврдува и фактот дека сите европски членки на НАТО сега издвојуваат повеќе од два отсто од БДП за одбрана.

Тој посочи дека од февруари 2026 година европските сили преземаат клучни позиции во командните структури на НАТО, се планира најмалку 50 отсто од одбранбената опрема да се набавува исклучиво од европски добавувачи, а годишниот капацитет за производство на муниција денес е шестпати поголем од пред три години.

Наведувајќи дека ЕУФОР останува клучен фактор за мирот и стабилноста во БиХ, Сорека оцени дека Западен Балкан мора да придонесе за безбедноста на Европа, предупредувајќи на сè поинтензивното странско мешање. Тој заклучи дека гледа значителен потенцијал и во одбранбената индустрија на БиХ, со оглед на тоа што во регионот има повеќе од 200 компании кои можат да произведуваат муниција според стандардите на НАТО.