Свет
Судир на два турски трговски брода во Мраморното Море, потрага по десет члена на екипажот
Два трговски брода што пловеле под турско знаме се судриле ноќеска во Мраморното Море во близина на Истанбул, а со едниот од бродовите е изгубен контакт – соопшти кабинетот на гувернерот на Истанбул.
Бродот „Алсу“, што пловел кон егејското пристаниште Алијага, и бродот „Тугберк Имамоглу“, што се движел кон црноморското пристаниште Карадениз Ерегли, се судриле во близина на истанбулската населба Силиври.
На местото на несреќата се испратени бродови на крајбрежната стража и хеликоптери за пребарување и спасување. На „Алсу“ нема видливи оштетувања, но властите не успеале да воспостават контакт со „Тугберк Имамоглу“ и неговите десет члена на екипажот.
Според податоците на Истанбулската стопанска комора за поморска трговија, „Тугберк Имамоглу“ во сопственост на компанијата „Зејбе Денизџилик“, е брод за превоз на расфрлен товар, а „Алсу“, во сопственост на „Озпулатхане Дениз Ташимачилиги“ е танкер за транспорт на хемиски материјали.
Потрагата и спасувачката операција се во тек.
септември 2, 2026
