Connect with us

Регион

Грчки медиуми: Грчки Ф-16 пресретнале турски дрон јужно од Александруполи

Два грчки воени авион Ф-16 утрово пресретнале турско беспилотно летало јужно од градот Александруполи кое влегло во грчкиот воздушен простор, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, инцидентот се случил околу 08.30 часот утрово, кога турскиот дрон навлегол во терминалната зона на аеродромот во Александруполи, а во истиот момент полетувал цивилен авион.

Веднаш полетале два грчки воени авиони, на цивилниот авион му била дадена инструкција да ја промени висината, за да не дојде до вкрстување со турското беспилотно летало.

Информативниот портал „Ин“ повикувајќи се на надлежни извори, објави дека немало попречување на цивилниот лет, ниту пак се појавила каква било безбедносна опасност за конкретниот лет, а инцидентот континуирано бил следен од надлежните грчки власти и бил под контрола.

Грчките Ф-16 го следеле турското беспилотно летало, го пресретнале и го придружиле се до излегувањето од грчкиот воздушен простор.